Околу 750 лица вработени според Рамковен договор се веќе распоредени по институции, 350-360 остануваат за дораспоредување, поради правни формалности, постапка за засновање работен однос, префрлување на соодветните финансии од една институција на друга. Ова денес го соопшти премиерот Зоран Заев.
Тој посочи дека сака да испрати порака до сите директори кои прават отпор да не прават отпор, заради тоа што имаат потреба реално, а тоа се наши граѓани и секој ја има шансата чесно да ја работи својата работа, односно да работи.
„Сакам да истакнам порака до сите оние директори што прават отпор да не прават отпор. Зошто имаат потреба реално, а тоа се наши граѓани и секој ја има шанса чесно да ја работи својата работа односно да работи. Ако не му се работи дали тие што ги преземаат сега или се досега вработени да им се заблагодариме да си одат дома. Испраќам, пред се, порака до Државниот инспекторат, кој е многу гласен, треба да ги спроведеме одлуките или да кажеме зошто не се спроведливи самите одлуки, а не да водиме така да кажам јавна војна преку медиумите едни со други. Тоа не ни треба на никој, затоа што ова е нешто кое народот го очекува од кај нас, да нема вработен во јавната администрација кој зема плата, а не оди на работа“, рече Заев.