Разговор со писателката Ирена Блажеска Дончева: Во моите текстови секогаш има вистински приказни, наскоро и четврта книга


Ирена Блажеска Дончева е млада писателка која досега има издадено три книги. Пишува со душа, а читателите веќе ја препознаваат и со нетрпение очекуваат нешто ново и инспиративно. За Инфо Компас, таа открива дека четвртата, за неа најважна книга, ќе излезе наскоро.

Кога одлучи дека сакаш да бидеш писателка?

Искрено, не знам кога одлучив да бидам писателка. Пишувам од детството и тоа некако не е нешто за кое одлучуваме, тоа едноставно доаѓа само од себе, од душата.

Како би го опишала твоето творештво? Кои теми најчесто ги обработуваш?

Би го опишала како богато творештво, кое изобилува со поезија, проза, цитати, надевајќи се дека наскоро ќе биде и еден од романите. Пишувам најчесто љубовна тематика, секојдневните љубовни навики и чувства.

Колку време ти треба за да напишеш некоја книга?

Временски никогаш не сум планирала, но кога станува збор за поезија потребни ми се само неколку месеци, за разлика од прозата, која обожавам да ја средувам, па многу внимание насочувам кон неа.

Какви се реакциите на читалетите? Дали го препознаа она што им го испраќаш како свој сигнал?

Реакциите се прекрасни, можам да кажам дека сум премногу задоволна од нивните задоволства и побарувачката на моите книги. Се радувам што уживаат и сакаат да ме читаат.

Кои писатели те инспирираат?

Најчесто читам наши, македонски автори, едноставно ги почитувам многу, но како автор кој го обожавам можам да ја издвојам Алимпиќ и нејзините прекрасни дела.

Која книга ја препорачуваш како задолжително четиво?

Ја препорачувам Алхемичарот, книга која учи на вредности, која ве тера никогаш да не се откажете од своите соништа и вербата во себе.

Македонија или Шведска? Дали некои одредени географски простори се повеќе инспиративни за пишување од други?

Секоја земја своја приказна, секоја земја има посебно место во срцето. Македонија е мојата татковина, каде и да одиме, секогаш Македонија ќе биде дома. За инспирација, мене не ми е важно каде сум, дали сум во Македонија или во Шведска, важно ми е тоа што го гледам, како го гледам и целото тоа се трудам да го пренесам на хартија. Затоа едноставно речено, пишувањето не бира место, луѓе, навики…

Животот на писателите отсекогаш бил мистерија за љубителите на пишаниот збор. Дали пишувањето влијае на приватниот живот на тебе како писателка, односно, дали понекогаш низ пишаниот збор се провлекува вистинска приказна, случка, емоција?

За да пишуваш мораш емоционално да се поврзеш со тоа што сакаш да го пренесеш, бидејќи ништо на овој свет не може да функционира без чувства. Јас пишувам најчесто за себе и за оние кои се околу мене и низ доверба ми ги пренесуваат сите свои насмевки, болки, надежи. Во моите текстови секогаш има вистински приказни, зашто секогаш свесно или несвесно тоа што го гледам, тоа што го слушам сакам да го напишам со силна емоција за да се пренесе како порака која ќе влева надеж во нечија приказна.

Како го толкуваш феноменот што луѓето сѐ повеќе го читаат само тоа што е објавено на социјалните медиуми? Дали во Македонија има читачка публика?

Моето искуство говори дека во Македонија, со настанатата ситуација поради корона вирусот, читателската публика се зголеми, интересот за пишаната книга и нејзиниот мирис е толку голем. За тоа сведочат многу книжевни групи, кои создадоа толку многу книжевни пријателства, и задоволството е мое да кажам дека се враќа вредноста на печатената книга, која поради социјалните мрежи беше заборавена, но ете, полека и надежно се враќа вистинскиот дух на книгите.

Најактуелна тема периодов, покрај пандемијата во државата, е воведувањето на електронски учебници во образовниот курикулум. Каков е твојот став, дали сме дораснати на предизвикот, да се носиме стоички со една коренита промена, дали се оправдани бурните реакции на јавноста, особено оние на родителите? 

Мојата професија, наставник по одделенска настава, често ме наведува да размислувам околу тоа прашање, дали ќе можеме и како ќе можеме? Според моето мислење никогаш и ништо нема да ја замени книгата, колку и да сакаме да веруваме во еден современ свет, мислам дека не сме доволно спремни, зашто треба прво достапност кон нештото, обука за истото, па реализација. Во Македонија има многу семејства кои немаат услови за тоа, и мислам дека не треба да бидат насочени кон отежнат процес на образование, треба да им се даде шанса за да успеат, а книгата во овој случај е најдоброто нешто што може да ги изведе на тој пат.

Дали постои надеж за македонските писатели и поети, што значи да се биде писател во Македонија во денешно време?

Секогаш, секогаш постои надеж за се. Постои надеж и за македонските писатели и поети, на кои сум многу горда за покажаната креативност и многубројните дела. Во Македонија да си писател значи многу, зашто недоволно се вложува во нив, но ние како автори знаеме дека патот до успехот не е лесен, но секогаш има шанса за напредок и успех.

Каква е твојата визија за 2022 година? Кои се целите што си ги постави?

Се надевам 2022 година ќе биде идентична на 2021 година. Можам да кажам дека сум многу задоволна од годината што изминува, година исполнета со љубов и среќни моменти. Во 2022 година планирам промоција на детската книга „Во светот на децата”, за најмалата читателска публика, книга која ќе биде песнарка-боенка, и се надевам ќе привлече големо внимание затоа што ќе биде многу едукативна и интересна.

Порака до читателите на Инфо Компас.

Ви благодарам што одвоивте место и време за моите планови. На читателите на Инфо Компас можам да им порачам да веруваат во себе, да не се откажуваат затоа што најубавото доаѓа тогаш кога најмалку го очекуваат. Бидејќи следуваат празници, сакам да им посакам среќни празници, исполнети со здравје, среќа и многу љубов.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи