ВИДЕО – Вработените во Еурокомпозит втор ден со протести пред Влада, а денес протест и пред Општина Прилеп

Вработените во прилепски Еурокомпозит од денеска се повторно во генерален штрајк. Тие веќе два дена се со шатори пред Влада, а денеска одржаа протест и пред Општина Прилеп. Револтирани се на вицепремиерот Анѓушев кој во понеделникот попладнето дошол во Општина Прилеп и го повикал само претседателот на синдикатот, а не се сретнал со вработените. Анѓушев им рекол дека засега Владата нема повеќе пари да го авансира Еурокомпозит, а плата ќе добиеле на крајот од мај.

 

 

„Во понеделникот тука бил дојден вицепремиерот Анѓушев, нажалост ние не разбравме, никој не ни кажа, го викнале само претседателот на нашиот синдикат. На таа средба немало наговестување дека работите кај нас ќе се решат за брзо време, а за плата му рекол дека ќе добиеме до крајот на мај. Револтот и понатаму продолжува. Ние нема да отстапиме се до исполнување на нашите барања. Анѓушев им ветил дека до крајот на месецот ќе постават директор на акционерско собрание кое треба да се одржи на 21 мај. Владава не била спремна повеќе да дава ананс, им рекол да бараме од други кооперанти, добавувачи кои што ги имаме. А Владава нема спремност да даде пари сега за сега барем. Можеби виновни за таа работа се двајцата директори, Дукоски и Кузески, за неисполнување на договорот кон МВР, ние немаме испорачано ништо, тие ги пратиле панцирите на шиење во Босна. Платени беа половината, 80.000 евра, а панцири нема, ние нема што да испорачаме, таа е вистината“, истакна Пеце Вељаноски, член на сииндикален одбор.

 

Вработените денеска во Прилеп истакнаа дека упатуваат силна поддршка до нивните колеги во Скопје и потенцираа дека ќе останат пред Влада со шатори се до целосно исполнување на нивните барања. Размислуваат и тоа да секој вработен поединечно започне да ја тужи државата.

 

„Секој ден ќе се менуваме во Скопје под шаторите се до исполнувањето на нашите барања. Бараме Владата на седница да донесе писмена гаранција дека ќе се исплатат сите заостанати плати и придонеси во наредните неколку месеци. Да oпредели пакет мерки за социјална згриженост на вработените, односно можност за одење на технолошки вишок. До реализација на одлуката во наредните неколку месеци, Владата да обезбеди бруто плата за вработените. И четврто, Владаат да гарантира преку буџетот спроведување на оваа одлука. Доколку не дојде до спроведување на одлуката во наредниот период, вработените преку тужби да можат своите побарувања да ги наплатат од буџетот на Р. Македонија. Ние и разговараме на таа тема секој поединечно да ја тужиме Владата, бидејќи Владата ги поставува директорите, таа е индиректно одговорна за оваа ситуација, односно државата“, додаде Вељаноски.

 

Вработените велат дека Владата досега нема исполнето ниту едно нивно ветување.

 

„Крајот на февруари почетокот на март синдикалците беа примени од Анѓушев. Тој вети дека ќе даде пари и навистина зедовме по 22.000 денари, просечна плата во РМ и се обврза дека во наредните 6 месеци редовно ќе земаме пари од 10-ти до 15-ти во месецот. Ние започнавме со работа но еве плата сеуште нема. Во понеделникот ненајвено дошол Анѓшуев и рекол работете, во наредните 30 дена ќе земите плата. А тоа што го ветил не го исполнува. Ние тоа што беше го работиме, нека даде плата пак ќе работиме. Едно таму кажуваат, а со нас друго се однесуваат. Секое одење за 6 месеци ќе се реши статутот на фабриката, два пати по 6 месеци поминаа еден милиметар не се помрднати од место“, кажа Жарко Талески, вработен во Еурокомпозит.

 

„Лесно е вината да се префрли на вработените дека не сме сработиле за да оствариме личен доход. Ние немаме сигурно раководство со доволно искуство за да не води. Затоа бараме државата да си поводи сметка за директорите кои ги назначува. Самите директори ни викаат вие не не назначивте па да барате од нас оставка или било што. Од Општината бараме исто така поддршка“, вели Зоран Данчески, вработен во Еурокомпозит.

 

Градоначалникот на Општина Прилеп денеска ги примил вработените, им ветил дека тој нема ингеренции за решавање на проблемот, но ќе се потрудел проблемот да добие на актуелност во Владата. Од Влада пак засега нема информација дали ќе ги прими вработените во Еурокомпозит.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи