Утрово навреме се отворени сите 142 гласачки места во Општина Прилеп, на кои 63.989 граѓани со право на глас ќе гласаат за еден од 3-јцата кандидати за претседател. Според потпретседателот на ОИК, Коста Дурланов, засега гласањето се одвива без проблеми, во мирна и демократска атмосфера.
„Се наоѓаме на гласачкото место 1403, гласачкото место е отворено навреме точно во 7 часот. Како што може да забележите граѓаните веќе започнаа со гласање. На ова избирачко место своето право на глас можат да го остварат 766 гласачи, се надеваме дека денеска ќе имеме фер и демократски избори, без никакви проблеми“, рече Ангелка Баракоска, претседател на избирачко место 1403.
„На гласачкото место 1404 гласањето започна точно во 7 часот. Не се регистрирани досега посебни проблеми и гласањето тече мирно. Во ова избирачко место се регистрирани 685 гласачи“, кажа Ивана Ацеска, член на избирачки одбор.
Инаку во Прилеп вчера од 186 пријавени гласале 173 болни и изнемоштени лица, а од 70 пријавени затвореници, гласале 56.
Граѓаните очекуваат денешниот ден да помине во мирна и демократска атмосфера.
„Го остваривме своето право на глас очекуваме гласањето да помине во мирна атмосфера и да победи оној кандидат кој ќе го сака народот. Од идниот претседател очекуваме подобра економија, подобар живот, да се стопира иселувањето, младите да останат тука“, велат дел од анкетираните граѓани.
Гласањето започнало навреме и засега се одвива во мирна атмосфера и во општините Крушево, Кривогаштани и Долнени.
Во Крушево на 23 избирачки места своето право на глас можат да го остварат 7.983 лица. Таму вчера од 122 пријавени болни и изнемоштени лица гласале 117 лица.
Во Кривогаштани на 13 избирачки места ќе гласаат 4.678 гласачи, вчера во оваа општина од пријавени 23 болни и изнемоштени лица, гласале 22.
Во општина Долнени пак на 40 избирачки места своето право на глас ќе можат да го остварат 11.502 гласачи. Вчера во Долнени гласале сите 23 пријавени болни и изнемоштени лица..
Првиот процент на излезеност на граѓаните се очекува да се знае во 10 часот.