ВИДЕО – ЗГ „Менелај“ од Прилеп со проект за популаризација на традиционалните женски обреди Лазарки

Здружението на граѓани „Менелај“ од Прилеп преку проектот „Популаризација на традиционалните женски обреди Лазарки од Струшко“, пред два дена, на празникот Лазарова Сабота, реализираше теренски истражувања во неколку струшки села поврзани со лазарувањето. Проектот е финансиски поддржан од Министерството за Култура во рамките на годишната програма за проекти од национален интерес за 2019 година, како проект од областа за заштитата на недвижното и нематеријалното културно наследство, под раководство на Анита Ѓоргоска Талевска (етнолог) и м-р Горан Василески (фолклорист).

 

 

„Целта на овој проект е деталното документирање на фазите на лазарските обреди и придонес кон јавното ширење на релевантните информации за ова културно наследство, како и запознавање на пошироката јавност до ова нематеријално богатство. Сето тоа преку фото и видео документирање и обработка фотографии, мелографија и кинетографија на обредните ора и песни. Но, како крајна цел е изработка на каталог со описи и реализирање на изложба на фотографии која најпрво ќе биде поставена на јавен простор во центарот на Прилеп, а потоа во Центарот за ликовна уметност при Центарот за култура „Марко Цепенков“, Прилеп на одредено време. Замислата е преку повеќегодишни континуирани активности да се документира, заштити и промовира ова исклучително духовно културно богатство“, истакна Анита Ѓоргоска Талевска, раководител на проектот.

 

Инаку празникот Лазарова Сабота, кај народот познат и како Лазара или Лазаровден, има подвижен датум и секогаш е осум дена пред Велигден. Овој празник е дел од пролетниот обреден комплекс и е богат со мноштво на обредни дејствија, каде водечката улога ја имаат женските обредни поворки Лазарки. Тие се девојки во периодот меѓу детство и моминство, кои се облечени во свечена народна носија од својот крај, богато накитени и секогаш расположени за пеење и играње на обредните ора и песни. Затоа овој празник уште се нарекува и „празник на девојките“.

 

 

 

 

 

Во минатото, во многу краеви на Македонија се реализирале овие лазарски поворки играјќи и пеејќи лазарски песни, додека денес ретко може да се слушнат и видат Лазарки. Во ова време на губење на традиционалните културни вредности преку процесите на интензивна глобализација, населението од  пределите Струшко Поле, Струшки Дримкол и Дебарски Дримкол упорно ги одржува своите етно-религиозни практики, а тие доаѓаат до израз преку празнувањето на лазарскиот обреден комплекс.

 

„Во скоро сите струшки села, каде живеат Македонци, секоја група на Лазарки има свои специфични и уникатни карактеристики во поглед на начинот на пеење, изведување на обредните ора, декорирањето и украсувањето на народните носии, обредните практики и сл. Во некои села, празнувањето на Лазарова Сабота започнува неколку дена порано, некаде дури од четвртокот, со берење на разни видови на цвеќиња, плетење на венци, китење на светите места и слично. Главната обредна активност е во саботата на Лазара, а во дел од селата и во неделата на Цветници, кога девојките Лазарки ги посетуваат сите семејства во своето село и пред секоја куќа играат и пеат лазарски песни наменети за секој член во семејството. Така, постојат песни за мало бебе, за две братчиња, за сестричиња, за ерген за женење, за мома за мажење, за млада невеста, за возрасен маж, за постари луѓе и многу други. Всушност, лазарските обредни песни претставуваат пренесувачи на желби, молитви и потреби на луѓето, според возраста и состојбата. На крајот домаќините скромно ги даруваат со пари, со јајца и други намирници“, додава етнологот Ѓоргоска Талевска.

 

До крајот на септември се планира да се реализира предвидената изложба и издавањето на брошурата со детален опис на фотографиите со мотиви од лазарките.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи