Повод за денешниот разговор е организацијата на еден навистина интересен и редок настан во Македонија, а тоа е организацијата на downhill купот во Прилеп. Повеќе околу оваа тема ќе ни кажат моите двајца соговорници, Александар Стојкоски и Стефан Јосифоски, кои се членови на Sky Riders Bike клубот од овој град.
Разговорот го започнуваме со Александар, како што најавив ова е навистина еден редок и интересен настан, кој публиката и љубителите на овој спорт немаат можност многу да го видат во Македонија, се одржува само во Прилеп, Битола и Скопје.

Стојкоски: Здраво на сите, јас сум Александар Стојкоски, долгогодишен член на клубот Sky Riders Bike од Прилеп.
Овој куп во Прилеп го организирате веќе 9та година по ред, 8 години се организираше на месноста Топташ, но оваа година има новина, а тоа е изградба на стаза кај селото Штавица, односно ќе имаме промена на локацијата. Зошто се смени оваа локација и да ни објасните нешто повеќе околу самата стаза.
Стојкоски: Така, 8 години со ред ја организиравме на Топташ стазата, но поради лошите услови со патот и транспортот, кој секоја година ни се уриваше и моравме да го поправаме, се преместивме над селото Штавица. Патеката сега почнува од преминот Слива и се спушта до селото Штавица. Транспортот ни е целосно асфалт и тоа ни е голем плус за нас, а стазата ја направивме целосно рачно, со многу потешки и поекстремни сегменти од таа на Топташ.
Колкава е нејзината должина, што се содржи?
Стојкоски: Долга е 2,3 километри, во неа има скокови, дропови, страшни секции, камења и карпи, значи не е тоа за секој ден што можеш да го видиш. Спортот е еден од најесктремните во Македонија, исто и настанот. Ние 9та година по ред ја организираме трката, се надеваме да биди се во најдобар ред, ги очекуваме сите граѓани на Прилеп да дојдат и да не испочитуваат, да гледаат такви екстремни спортови. Ќе има од Прилеп, Битола, Скопје, од Балканот ќе има возачи, така да ги поканувам сите да дојдат и да видат што е екстремен спорт.
Овој downhill куп се одржува 9 година по ред, а годинава ќе се одржи на 26 и 27 април. Што ќе се случува во тие 2 дена?
Стојкоски: 26 април имаме тренинг целиот ден, од кај 9 часот наутро до 3 попладне. На тренингот сите возачи се запознаваат со стазава, никој досега се нема пуштано, прв пат ќе биде за сите. Саботата му е ден да се запознаат со стазата, да ја совладаат, а неделата на 27 април ќе биде главната трка. Прво имаат еден тренинг сабајлето од кај 10 часот, по еден спуст сите, потоа има квалификации, а потоа е главната трка на која ќе се одлучи кој ќе биде најбрз на патеката.
Колку учесници очекувате да има?
Стојкоски: Околу 60тина учесници од Македонија и странство. Во сите категории ќе се доделуваат медали и за најбрзите времиња ќе има и парични награди.
Колку има категории во кои ќе се натпреваруваат учесниците?
Стојкоски: 4 категории се, елит, сениори, јуниори, мини јуниори и мастерс.
Рековте дека сами ја подготвувавте оваа патека, дали користевте некои истуства од клубови од соседните држави, или ова буквално ваш производ и колку време ја подготвувавте целата стаза?
Стојкоски: Па да, стазата се подготвуваше повеќе од 1 година, чисто нова стаза е. Се е наше правено, ништо не е копирано од никаде, 9 години со ред искуството само си иди.
Колку членови брои клубот Sky Riders Bike Прилеп?
Стојкоски: Лиценцирани членови имаме 10, од кои имаме и многу повеќе, но не се на тоа ниво да ја возат стазава.
Ти благодарам за разговорот и одвоеното време, а интервјуто го продолжуваме со Стефан Јосифоски кој исто така е член на Sky Riders Bike клубот од Прилеп. Кажете ни нешто повеќе околу downhill-от како спорт.
Јосифоски: Па downhill-от како спорт е послабо застапен, развиен во нашата држава. Има доста возачи, но сепак не е за секого бидејќи има страв кај децата и кај луѓето, се смета за опасен спорт.
Зошто вие се одлучивте да бидете дел од овој спорт, адреналинот, возбудата, љубовта кон авантурата?
Јосифоски: Па да, пред се адреналинот, пробав многу спортови но немав некако желба да продолжам, но кога ко пробав овој спорт, и после многу паѓања, повреди, сепак останав најмногу поради адреналинот и забавата, дружбата пред се.
Како и секој адреналински спорт и овој си бара поседување на посебна опрема, така да дури и велосипедите кои ги поседувате не се обични велосипеди. Дали може да ни опиштете што треба да има еден ваков велосипед?
Јосифоски: Не е како обичните велосипеди, овие велосипеди се направени и имаат различна геометрија, направени се исклучиво за спуст, имаат поголеми амортизери, рачки, подобри кочници и гуми. Треба и да поседуваме опрема, према кацигиве што ги гледате како за мото крос исто, штитници, боди-армори, кациги, наочари, ракавици.
Имате заштитна опрема која се носи на целото тело?
Јосифоски: Да, на целото тело, поради несакани паѓања да не дојди до некои лоши повреди.
Доаѓа ле често до повреди?
Јосифоски: Па зависи, некогаш кога ќе дадеме повеќе од тоа што можеме се случуваат повреди.
Но сепак искуството и носењето на опремата го ублажуваат тоа.
Јосифоски: Искуството го прави тоа, со тек на време.
За да научи човек во овој спорт колку време треба, колку време вие го учевте?
Јосифоски: Јас возам веќе 8 години, но треба пред се да имаш желба, бидејќи никој не почнавме со вакви велосипеди, сите сме возеле со обични, сме пробувале. Пред се желбата е најбитна, па со текот на времето се напредува.
Колку вакви стази има во Македонија?
Јосифоски: Па во Македонија има повеќе стази, на Пелистер, кај нас има 2-3 стази, Скопје, се на се има околу 7-8 стази.
Учествувате на некои вакви други натпревари и купови во странство?
Јосифоски: Да, учествуваме надвор од нашата држава на натпревари, исто така и на UCI трки, тие се бодувани на светска ранк листа, се одржуваат во Бугарија, во Грција, годинава имаме трка која ќе се одржи во Бугарија, тоа е Балканското првенство и се надеваме дека и таму ќе направиме некој резултат.
Дали оваа трка се вбројува во тие трки за некакви меѓународни бодови?
Јосифоски: Оваа трка се вбројува во Македонскиот куп, од кој се прави репрезентација на возачи за Македонија, кои ќе се натпреваруваат на идните трки, значи се собираат поени за Македонскиот куп.
Која ви е идната цел со оргнизацијата на овој downhill куп?
Јосифоски: Па идната цел е да има се повеќе возачи, повеќе желба и да можеме од следна година да ја пријавиме трката на светската ранг листа, на UCI за да може да се бодува и да има поголеми награди, а и возачи од светот.
Еве за крај, организацијата е комплетно од страна на клубот Sky Riders Bike, или имате и спонзори?
Јосифоски: рганизацијата е моментално комплетно се од клубот, чекаме да ни кажат неколку спонзори, па еве кој сака добредојден е и може да помогни, да не контактира за спонзорство, да го поддржи овој спорт, за младите да можат да се занимаваат со некаков спорт.
Сите оние кои го гледаат ова интервју и сакате да бидете дел од навистина нешто несекојдневно, на 26 и 27 април бидете во Прилеп, над селото Штавица, каде ќе се одржува овој downhill куп, за да погледнете навистина една авантуристичка и адреналинска трка со спуст на планински велосипеди.