Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ доби забрана за одржување настани, манифестации и приредби сѐ додека не се отстранат недостатоците и неправилностите на објектот. Забраната е од инспекцијата на Дирекцијата за заштита и спасување која направи контрола на објектот на барање на Центарот за култура „Марко Цепенков“, на раководството на театарот, а потоа и на Министерството за култура.
„Уште на 17 март побаравме од Дирекцијата да се изврши вонреден инспекциски надзор за да се констатираат состојбите во стариот објект на театарот „Војдан Чернодрински“. Наредниот ден, на 18 март, од Министерството за култура стигна барање да се проверат состојбите во објектите од културата. Дирекцијата изврши надзор во текот на вчерашниот ден, 24 март и констатира 15 неправилности во објектот. Усно нѐ информираше дека имаме забрана за настапи во објектот. Во меѓувреме го чекаме решението на ДЗС за да постапиме“, ни рече Михајло Миленкоски, раководител на прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“.
По добивањето на решението од инспекцискиот надзор на ДЗС, театарот во координација со Министерството за култура ќе чека задолженија колку и дали може да се отстранат недостатоците. Инаку, со години се бара, а и има одредени проектни постапки, за изградба на нов театар во Пирлеп, во склопот на Центарот за култура „Марко Цепенков“.