Филипче: Историско задолжување од 6 милијарди евра, а Владата крие детали

Facebook
Twitter
Email
Print

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција изрази сериозна загриженост за недостатокот на транспарентност и информации поврзани со содржината на договорите за нов креедит од 6 милијарди евра кој го зема Владата. Тој посочи дека, според изјавите на премиерот и вицепремиерот, станува збор за два договори: „еден во делот на стратешка соработка, и еден договор на заем“ со Обединетото Кралство. Филипче потенцираше дека целата постапка се одвива без доволна информираност на јавноста и институциите:

„Владата има обврска да излезе со детали во однос на овие договори, имајќи предвид дека ваква рамка за волкава сума на пари досега нашата земја не потпишала со ниту една институција, со ниту една влада. Станува збор за огромни суми на пари, камати коишто не знаеме колкави се, а кои ќе ги враќаат следните генерации. Огромна сума на пари, шест милијарди евра, го надминува дури и нашиот Буџет“, рече Филипче.

Лидерот на опозицијата ја повика Владата да даде одговор за потеклото на парите, за висината на каматните стапки, дали е направена споредба на каматите со Светска банка и другите комерцијални банки, како и за транспарентноста при трошењето на овие средства.

„Зошто повторно влада со влада заем? Повторно преседан. Никогаш во историјата нашата земја не позајмувала на тој начин пари. Се поставува прашањето каква е транспарентноста во трошењето на тие средства. Очигледно е помала кога станува збор за заем, а ќе се спореди со заем којшто се зема од некоја меѓународна финансиска институција, на пример од Светска банка, Европска инвестициска банка итн. За парите коишто стигнаа од Унгарија јавноста нема ама апсолутно никакви информации. Транспарентноста е еднаква на нула. Кои компании ги земаат? На кој начин, по кои критериуми? По кои критериуми ги добиваат општините тие пари? Сметам дека со овие отворени прашања на коишто Владата апсолутно треба да одговори пред вакви договори да се потпишуваат“, додаде тој.

Од друга страна, Филипче рече дека Социјалдемократскиот сојуз апсолутно го поддржува договорот за стратегиско партнерство со Обединетото Кралство, го поздрави потегот и рече дека пратениците на СДСМ ќе го поддржат овој договор кога ќе дојде моментот за негова ратификација во Собранието.

„Апсолутно го поддржуваме. Сметам дека тоа е земја, наш сериозен партнер во изминатите години, децении, секогаш, и во кризи кога сме биле, а и генерално во сите процеси за напредок на земјата, Велика Британија давала поддршка и тој чин, тој гест е за поздравување“, рече претседателот на СДСМ.

Филипче ја повика Владата и да одговори дали е точно дека со Велика Британија е подготвена да разговара за сместување мигранти во земјава.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи