ВИДЕО- 13 годишниот Дориан Темелкоски од Прилеп, свири 3 инструменти, игра шах, политика и историја знае подобро од политичарите


Драги гледачи како што најавивме пред празниците, се наоѓаме во домот на 13 годишниот Дориан Темелкоски од Прилеп, еден мултиталентиран млад дечко кој се занимава со повеќе области, има различни интересни хобија и сфери на неговото дејствување. Свири на неколку инструменти, се интересира премногу за политика и освен македонската политичка сцена, ја следи и онаа во поголемите европски држави, САД, Русија, Кина… Историјата е исто негова пасија, игра шах и планинари.

Пред се добредојде во нашата емисија.

Темелкоски: Добро ве најдов.

Изрази огромна желба да дојдеш во студиото на Инфо Компас и да погледнеш како се продуцираат новинарските содржини. Од каде таа желба и колку време следиш новинарство?

Темелкоски: Новинарство секој следи откако е роден, со вести на телевизија. Инфо Компас го следам една година.

Како ти се допаѓаат нашите прилози, нашите содржини?

Темелкоски: Добри се прилозите, поинтересните, некои сериозни што се се подосадни, како за баланс за буџет, тие се подосадни, но интересно е.

Друга критика што би ни ја дал за ние да се подобриме како медиум?

Темелкоски: Од Итар Пејо епизодите во еден фолдер да ги ставите на плеј листа за да не ги барам.

Од Итар Пејо си има посебна рубрика.

Темелкоски: Да да, Пејо си знај. Од Инфо Регион исто така да ги додадете во плеј листа, бидејќи не ви се додадени.

Благодарам на твоите позитивни критики и за довербата што ја имаме од тебе за Инфо Компас, продолжи да не следиш, да не гледаш и верувај нема да те изневериме.

Темелкоски: Ќе видиме, се надевам дека нема да ме изневерите, но дур не видиме не веруваме.

Така е, не може да се верува дур не се види.

Како што најавив, се занимавате со повеќе сфери на ваш интерес. На 13 години свириш на повеќе инструменти и музиката е една од твоите најголеми љубови. Зошто и како започна целата приказна на Дориан и музиката?

Темелкоски: Па мајка ми и татко ми ме запишаа на музичко, бидејќи на 6 години не знаев што е музичко и така почнав со некои лесни композиции само со десна рака, тонови до-ре-ми-фа-сол-ла-си-до и потоа почнав построго да вежбам.

На кој инструмент?

Темелкоски: На клавир, матичен инструмент ми е клавир. Бас гитара почнав во скоро време, пред една година до две. Со клавир строго класика, во последно време петто-шесто кога бев почнав малку и со џез, да го проширам начинот на свирење, техниката на прстите, бидејќи секој жарн е различен, дали класика, дали џез, дали прогресивен метал или било што друго.

Што сакаш најмногу да свириш и што слушаш?

Темелкоски: Најмногу сакам да свирам џез, но морам да свирам и класика, бидејќи во основно музичко нема џез, ниту во средно, само на академија може да одбериш. А каква музика слушам, може да се каже метал, рок, некои субжанрови како треш метал, рок ен рол понов и постар како од Елвис времињата.

Омилена група?

Темелкоски: Металика, Манескин и Тинејшс  Д.

Од македонските?

Темелкоски: Од македонските Филип Језиќ.

Прилепчанецот.

Темелкоски: Да.

Може да слушнеме како свириш нешто на клавир?

Темелкоски: Да.

Што ќе ни отсвириш?

Темелкоски: Соната од Бетовен, Опус 49 број 2.

Освен клавирот, свириш и неколку други инструменти, меѓу кои и бас гитарата. Што би ни отсвирил сега?

Темелкоски: Ќе го отсвирам интрото од For Whom the Bell Tolls од Металика.

Како се поврзува клавир сега со бас гитара? Од каде љубовта кон двата инструменти?

Темелкоски: Прво почнав на гитара да свирам, тоа беше 20 јули 2022 бидејќи бев на концерт на еден гитарист, Стив Вај и некако оттаму зедов корени, плус татко ми што свири и така некако почнав колку да извади звук, па потоа акорди, рифови. На Јутуб бас прво почнав да гледам и реков дека има многу гитаристи во Македонија и во Прилеп, зошто да не бидам јас басист. Така гитарата ја свирев како бас, потоа ми купија бас со појачало и така почнав.

Меѓу басот и клавирот? Или тешка дилема?

Темелкоски: Клавир.

Ајде да слушнеме како звучи For Whom the Bell Tolls.

Претходно кажавме дека друго твое поле, друга сфера на интерес, малку чудна искрено, дури и за мене иако сум новинар, на 13 години некој да се занимава или да го интересира политиката.

Темелкоски: А да не е политичар.

А да не е политичар, па и на 13 години. Зошто ти се досадни такви фаци да ги следиш?… Се шалам, политиката е една сериозна работа на која човек треба да и се посвети доста, па ако имаш желба како тебе и од твои 13 години.

Темелкоски: Со политиката започнав, гледав на Јутуб за Општинава некои работи, седници гледав и така се заинтересирав, си реков оти да не гледам во Собрание што се гласа. Бидејќи во Општина за општинава е, а во Собрание…

Понационални теми и проблеми се обработуваат.

Темелкоски: Да, и почнав да гледам на Собраниски канал на телевизија, на Јутуб и почнав да ги следам Левица, бидејќи се поинтересни, ги чепкаат двете партии.

Двете поголеми партии.

Темелкоски: Сега со интерпелацијава што беше за претседател на Комисија за социјална работа и млади.

Значи буквално следиш се што се дешава.

Темелкоски: Да да. Од сите што беа поднесени, само од Левица беше профатена интерпелацијата, а останатите од Европскиот фронт не беа, 4 интерпелации за министри и заменик министер. Само Илире Даути, таа интерпелација беше усвоена, бидејќи од сите најлогична ми беше таа, не дека Левица ги поддржувам или дека само тие кажуваат правилно, не, некогаш никој не е перфектен и нема да кажеш како што треба и нема на секого да му се допадне тоа. Така започнав со политика.

Твоја оцена за политичката сцена во Македонија?

Темелкоски: 5 од 10.

За сите партии или за Владата?

Темелкоски: Па за работењето на Владата, за останатите партии прилогов ќе трае 2 саати.

Што ти пречи најмногу моментално во политичкиот систем на Македонија, во општественото делување на политичките партии? Како млад човек што би сменил?

Темелкоски: Многу би сменил, како прво построги правила и построги казни кои ќе делуваат. Пишани се во Кривичниот законик, но не дејствуваат. Построги казни, да се развие инфраструктурата, иновации да има, поддршка за младите, за културата, за историјата, која е доста спорна тема, прво треба да се среди Договорот со Бугарија, меѓународната политика за да се спроведи историјата. Би сменил внатрешна политика со армијата, економијата би требало да се развие.

Значи тие се тие фактори зошто твоите врсници и малку повозрасните ја напуштаат Македонија за жал се повеќе и повеќе?

Темелкоски: Да, еве во класот сме 11 деца.

Во мое време беа 33.

Темелкоски: Беа.

Значи таа е разликата.

Темелкоски: Стварно е жално да се гледаат куќи, направени за живот тука, а така оставени.

Имаш надеж дека ќе се смени нешто во Македонија?

Темелкоски: Надеж секогаш треба да се има и нека се смени, но додека не видам не верувам, но надеж имам.

Дали би влегол во политика во иднина, си размислувал на темава?

Темелкоски: Како план Б, да.

План А музиката?

Темелкоски: Музиката.

А можеби А и Б?

Темелкоски: Можеби А и Б, да.

Интересно е тоа што освен македонската политичка сцена ја следиш и странската политичка сцена. Сега имавме избори во Америка, ги следеше и дебатите Трамп-Бајден.

Темелкоски: Да.

Зошто, што те интересира за Америка, па дури и француската политичка сцена ја следиш.

Темелкоски: Интересно таму е што се работи не само за национална дебата како тука што се, туку е интернационална дебата, бидејќи дел од светот зависи од Америка, мислам зависи и од Русија, од Кина, поголемите држави и битно е да се гледаат такви дебати, бидејќи се решава светот таму.

Сега на 20ти доаѓа Трамп, официјално како претседател на САД. Што очекуваш, бидејќи ги следиш тие текови, каков курс би зазела Америка на повеќе прашања?

Темелкоски: Како што видовме со Трамп со Гренланд и со Панамскиот канал малку ме зачуди, бидејќи влезе во колонистичките води, не го очекував тоа. Очекував од републиканец нормално како патриот да си ја поддржува Америка, но да колонизира други земји…

Можеби популистички изјави се само, или би ги спровел како чекор?

Темелкоски: Не знам искрено, бидејќи се бунат од Гренланд, се бунат од Канада и од Панама, така да или нема ништо да се случи, или да очекуваме нови војни.

Во Франција би останал или би се сменил Макрон?

Темелкоски: Макрон и да остани и да се смени него нема да му менува, поради тоа што како претседател добива пензија и такви бенефиции и привилегии.

Зборуваме за политиката.

Темелкоски: Тоа е тешко прашање, бидејќи има и поддржувачи на Макрон, но има и нови луѓе кои се појавуваат на политичката сцена, како што видовме од Макрон партија на парламентарните избори беше втора.

Курсот во Европа оди кон левица или десница?

Темелкоски: Може да се каже и на двете, имаме Англија со работничката партија, Франција е левичарска земја, таква е владата.

Во Германија гледаме подем на десницата.

Темелкоски:На десницата да, што е интересно затоа што последен пат кога била екстремната десница на власт било за времето на Хитлер.

Ќе видиме како ќе се одвиваат тие текови. Уште едно прашање за меѓународната сцена, Русија и Украина, навистина една нецивилизирана војна во 21 век да гинат милиони луѓе. Како млад човек како гледаш на тоа?

Темелкоски: Тоа е војна меѓу Русија и НАТО, таа војна е подигната поради НАТО затоа што Украина сака влези во ЕУ и НАТО, а Русија тоа не го дозволува, бидејќи тие би било многу поблиску до Русија.

Стратешка точка е Украина.

Темелкоски: Да, и националната безбедност би била загрозена, би било пострашно.

Но сепак е жално во 21 век илјадници луѓе буквално секој ден гинат, во срцето на Европа го гледаме тоа.

Темелкоски: Да, тоа е стварно зачудувачки. Ако се однесуваме така, како ќе се однесуваме подоцна ако има поразвиена технологија, поразвиена инфраструктура, оружје нуклеарно.

Се надеваме дека нема да дојде до нуклеарни оружја. Ја споменавме историјата, тоа е исто така поле на твој интерес. Кој дел од историјата на човештвото ти е најинтересен?

Темелкоски: Може да се каже после Прва светска војна.

Зошто?

Темелкоски: Тогаш имало судир на идеологии, распад на монархии, имаме борба помеѓу капитализам и комунизам, исток и запад, од што подоцна е поттикната Студената војна. За тоа ми е интересен тој период, со идеологиите и тогашните размислувања на лидерите.

Дали денес имаме идеологија или сето е интерес и пари?

Темелкоски:И двете, некои одлуки се носат заради идеологија, некои за интереси, пари…

Кај нас?

Темелкоски: Кај нас може да се каже дека се е за интерес и пари, сопствен интерес.

Постои идеологија?

Темелкоски: Сите партии што ги видовме се десничарски партии освен Левица, но не видов јас некои десничарски движења низ тековите на македонската политика.

Можеби малкумина знаат ти си правнук на Томе Темелкоски, човекот кој го изгради планинарскиот дом Томе Темелкоски на Селечка Планина, кој денес е единствениот поголем планинарски дом во Прилеп и неговата околина откако изгоре планинарскиот дом Дервен. Имаме некои помали такви куќарки на Селечка Планина, но како планинариски дом овој е единствен.

Темелкоски: Официјален.

Дали одиш можеби по стапките на твојот прадедо, се занимаваш со овој спорт, со планинарството?

Темелкоски: Па да, планинариме со татко ми, но сега поретко поради празниците, се слави, се јади и се пие.

Периодот не е за пешачење.

Темелкоски: Да, бевме на планина ние периодов, преубаво беше, но поубаво е во пролет.

Освен со планинарство, тука е и шахот, навистина една интересна игра која дел од твоите врсници воопшто не ни знаат како се игра. Како дојде до шахот?

Темелкоски: До шахот дојдов случајно, видов на Јутуб еден јутубер кој разгледуваше и реков да го погледнам видеото. Видов како се игра шах, како се мрдаат фигурите и почнав да играм на телефон, на лаптоп, на компјутер и тогаш ми предложија родителите да се запишам во шаховски клуб и јас се согласив да видам како е. Оттогаш сум запишан, од 2022.

Ќе продолжиш во иднина со шахот?

Темелкоски: Како хоби да, не планирам да бидам Магнус Карлсон, професионалец, туку чисто колку да излезам од овие сфери.

Го започнавме ова интервју со музика, ќе го завршиме со музика. Спомнавме свириш повеќе инструменти, еден од нив е и укулелето. Можеш да ни исвириш нешто на укулеле и што би било тоа?

Темелкоски: Па би исвирил дел од песната Ла бамба на укулеле, што е прилично интересен инструмент и не го гледаме секој ден во македонската естрада.

И поразничен од останатите.

Темелкоски: Да.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи