Регионалната стопанска комора од Прилеп и Битола ја формираше иницијативата „Алијанса за природна, вкусна, и здрава храна од Пелагонија и Преспа“ со која во иднина ќе се брендираат производите од овој регион кој е носечки во државава за производство на храна. Секоја компанија која сака да биде дел од оваа иницијатива и да го носи печатот „Произведено во Пелагонија-Преспа“ ќе мора да исполнува строги европски правила за производство на храна, што од друга страна пак ќе им донесе и големи бенефиции при извозот на ЕУ пазарите.
![](https://infokompas.com.mk/wp-content/uploads/2023/04/04-300x300.png)
„Дали ќе биди кривогаштанска пиперка, дали крушевски локум или биено сирење од некој регион во тој правец се оди за да може да ги заштитиме и нашите производители и подобро да ги испромовираме. На домашните пазари и на странските пазари. Ќе бидат високи стандарди за безбедност за храна. Овие производи не само за земјоделецот, туку ќе бидат преработувани во пелагониски компании и ќе ги користат оние фондови кои Регионалните комори ги имаат или пак државни фондови. И ќе бидат подобро промовирани, значи промоцијата на тој производ на странски и локални пазари би била поголема“, истакна Никола Мариноски, претседател на Регионална стопанска комора Прилеп.
Според познавачите на приликите и агрономите ова е одлична иницијатива која во меѓународни рамки ќе донесе поголема промоција на она со што Македонија навистина може да се пофали, а тоа е квалитетна храна.
„Брендирање на произбоди со географско потекло во конкретниот случај од Пелагонија и Преспа би значело претставување во меѓународни рамки на она што е навистина препознталиво за нашата држава, а тоа е квалитетна храна која ќе даде поттик и на производителите да се погрижат да работат на квалитетот, а друга страна ќе обезбеди дополнителен раст на економијата“, изјави Филип Димкоски, агроном.
Се очекува правилникот и стандардите на целата оваа иницијатива целосно да се комплетираат идната година и да се започне со нејзина реализација.