Здружението за рурален развој ЛАГ АГРО ЛИДЕР од 01.02.2025 година започна со имплементација на проектот „Гласови на руралните заедници“, кој што се спроведува во 4 населени места и тоа: Бучин, Општина Крушево, населеното место Бела Црква и Воѓани од Општина Кривогаштани и селото Дебреште во Општина Долнени. Целта е да се создаде женско лоби во сите овие населени места кои потоа активно ќе лобираат во нивните општини за подобрување на квалитетот на живот во нивните населени места преку зголемување на инвестициите и проектите кои што им се потребни за секојдневно нормално функционирање.
„Овој проект ќе трае 18 месеци, што значи дека ќе поминеме низ сите фази на планирањето на една иницијатива, најпрвин мапирањето, планирањето и имплементацијата на по една иницијатива во сите населени места. Главната поента во сето ова е всушност жените да направат една категоризација, односно листа со мерки и проекти кои се важни за нив и кои навистина ќе значат и за целата рурална средина, но пак од друга страна и да застапуваат и да лобираат во општините, односно да го поминат тој цел процес за да може да се изборат сами за нивното населено место, односно да се вложат за општината да ги направи или да ги изгради сите тие приоритети, или дел од тие приоритети кои што ги имаат предложено на листата“, истакна Даниела Цветаноска, ЛАГ АГРО ЛИДЕР.
Бидејќи следуваат локални избори во октомври, носителите на проектот се надеваат дека тоа ќе биде мотив плус за политичките партии во држава и локалните самоуправи да ги спроведат барањата на овие женски лоби групи. Засега општините конкретно за овие 4 населени места имаат во план да вложат малку средства за подобрување на квалитетот на живот.
„Ние сакаме еден дел од тие приоритети и проекти доколку е возможно да станат дел од програмата на политичките партии, или да влезат во годишните програми на општините за 2026 година. Во овој момент ние имаме направено една мониторинг анализа на буџетите на општините Кривогаштани, Долнени и Крушево и за тоа што е предвидено за населените места Бучин, Бела Црква, Воѓани и Дебреште и морам да кажам дека Дебреште има повеќе проекти, но другите населени места воопшто не се зафатени со годишната програма на општината за 2025 година и воопшто не се финансирани“, додаде Цветаноска од ЛАГ АГРО ЛИДЕР.
Оваа иницијатива кај нас трае веќе 6 години. Проектот се спроведува досега во 80 села низ државава, а за прв пат во пелагонискиот регион. Доказ дека здружувањето и заедничкото лобирање носат резултати и позитивни промени е тоа што досега преку ваквите лобирања, се отвориле детски граденки, игротеки, центри за ран детски развој, места каде жените може да се собираат и да се дружат.
„Подразбира зајакнување на жените од руралните средини за поголемо учество во јавниот живот, односно да ги детектираат потребите и да ги застапуваат пред локалните власти. Тоа подразбира еден процес на учење кој започна пред 5-6 години со 2-3 села, но се рашири во 60-тина рурални заедници низ Македонија и можам да кажам дека се остварени огромни придобивки, бидејќи многу од жените си го олеснија секојдневието преку најразлични застапувачки постигнувања од типот на детски градинки, субвенциониран превоз, уредени места во нивните рурални заедници кои за жал се уште се соочуват со многу недостатоци кои го отежнуваат секојдневието на жените, како пристап до вода, канализација, собирање отпад, неможност да се социјализираат затоа што се исклучени од јавниот живот на заедницата“, изјави Марија Савовска, извршна директорка на „Акција Здруженска“ од Скопје.
Проектот е финансиран од Европската унија.