„Еден век наука и знаење“ е мотото под кое Научниот институт за тутун во Прилеп одбележа 100 години од своето основање. Институтот е најзначајната ваква установа не само во Македонија, туку слободно може да кажеме и во овој дел на Европа. Институт постојано е во тренд со најновите методи, технологии и иновации на светско ниво од областа на тутунот.
„Оваа за мене уникатна научно образовна институција продолжува да биде импулс на знаењето и поттик на потрагата по нови решенија за унапредување на економијата и земјоделството и одгледувањето на тутунот, како и справување со климатските промени по производството, но и со здравствените риозици“, истакна Гордана Силјановска Давкова, претседател на РМ.
Институтот е најверојатно и првата научна установа на теритоторијата на денешна Македонија формиран во далечната 1924 година во кралството на СХС. Денес овој Институт е во состав на Универзитетот Свети Климент Охридски од Битола.
„100 години Научен институт за тутун е јубилеј на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ од Битола бидејќи вработените на овој Институт, заедно со вработените на уште 7 факултети и виши школи во 1979 година се здружиле и основале Унивеверзитет“, рече д-р Игор Неделковски, ректор на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ од Битола.
„Тутунот е култура која има посебно место и значење во структурата на земјоделското стопанство, како и извозот и нивно исклучително значење за економијата и социјалниот аспект“, додаде д-р Валентина Пеливаноска, директор на Научниот институт за тутун во Прилеп.
На свеченоста присуствуваше и министерот за земјоделство, кој претходно го посети и Тутунскиот комбинат во Прилеп од каде вети дека годинава просечната откупна цена за тутун ќе биде повисока од лани, без да конкретизира како тоа ќе биде направено.
„Просекот кој ќе се постигне на ниво на држава ќе биде поголем од минатогодишниот просек. Едноставно, ние како држава и како Министерство нема да дозволиме да има разочарување како во минатото“, кажа Цветан Трипуновски, министер за земјоделство.
Инаку до денес во државава биле откупени 1 милион и 400.000 килограми по просечна цена од 374,3 денари. Тутунарите бараат повисока цена.