Наместо во големите фотоволтаични централи во државава да инвестираат домашните компаниии во јавно-приватно партнерство со државата, истите им се даваат на странски компании, кои потоа енергијата ни ја продаваат по берзанска цена. На ваков став се дел од енергетските експерти во државава кои велат дека доколку тие фотоволтаични централи се наши, македонското стопанство би имало далеку поевтина енергија, a со тоа би било и поконкурентно. За моменталната ситуација велат дека е апсурдна затоа што странци ни доаѓаат дома и ни ја наплаќаат енергијата од нашето сонце.
„Нашите фирми и тоа како плачат за евтина енергија. Кога странците би дошле тука би плаќале по берзанска цена, но ако прават партнерство со нашите правни лица таа енерегија во секој случај ви била многу поевтина и многу поприфатлива за сите наши правни лица. Или во таа ситуација нашите производи не би биле атрактивни само на локално ниво, туку би биле атрактивни и на меѓународно ниво, затоа што цената на енергијата ја диктира и цената на крајниот производ“, вели Зоран Митрески, енергетски експерт.
Иста била и ситуацијата со Чебрен. Наместо државата за далеку поевтина цена да ја изгради хидроцентралата, таа се дава на грчка компанија која ќе стопанисува со нашите води и ќе ни ја продава нашата енергија. За апсурдот на бидел поголем државата на таа компанија гратис му ја поклонува и ТЕЦ „Тиквеш“.
„Во таа ситуација ние се ставаме во покорна ситуација на странски економски фирми кои што во ниту еден момент нема да се грижат за социјалата на оваа земја. Ако ние ја изградиме за 10-тина години Чебрен после таа централа е наша, сопствена. Или сега според договорите кои се појавија во јавноста, дека таа централа би ни ја вратиле назад за 60 години. Сите технички лица знаеме дека на било која хидроцентрала животниот век и е 40 до 50 години. Што значи идната генерација на наши деца нема да дочекаат да добијат своја сопствена енергија“, додаде Митрески, енергетски експерт.
Од друга страна со изградбата на странските фотонапонски централи или тие кои се во најава се потполнува слободниот капацитет на нашата енергетска мрежа и сега домашните компании кои имаат вишок на струја за продажба не можат да го направат тоа поради нашата застарена мрежа, која не може да прими целата произведена струја.