Трагедија во прилепското село Славеј. Починаа две новороденчиња, близначиња, стари само 17 дена родени на 31.12.2024 година. Мајката на која ова и било четврта бременост и претходно има уште 3 други малолетни деца, се породила спонтано, а на 10.01. по барање на мајката и со нејзин потпис, новороденчињата се испишани од болницата.
Од болницата велат дека на 16.01.2025 година, во 10:45 часот, на одделот за детски болести е донесено женското новороденче во тешка здравствена состојба како резултат на премрзнување. Според информациите на лекарите машкото пак новороденче било претходно починато дома од истата причина премрзнување.
Извршена била реанимација на женското новороденчето кое било интубирано, поставено во топли ќебина и применети биле дополнителни мерки за затоплување, но и покрај сите преземени обиди од страна на медицинскиот персонал тоа починало во 13.00 часот. Јавниот обвинител Стевчо Биноски наредил обдукција за да се утврди точната причина на смртта.
Дедото пак на новороденчињата денеска ги демантираше наводите дека бебињата починале од глад и премрзнатост.
„Не е вистина дека починале бебињата од неухранетост и дека било ладно, еве нека дојдат да видат колку е топло и се. Лажат. Малечки биле, од што починаа незнам, но девојчето на болница сестрата му ставила инекција и по грешка починало, како може по грешка да почини“, рече Пецо Ристескик, дедо на починатите бебиња.
Жителите на Славеј велат дека живееле во голема сиромаштија.
„Јас кога дојдов видов тука полиција, инспектори, спрема кажување на луѓето бебињата починале од прелад, од неухранетост, од нехигиена во домот. Родителите се многу сиромашни“, кажа Злате Коруноски, жител на село Славеј
„Сиромашни се многу, сме им помагале ние во алишта и друго, една година се тука дојдени од село Долгаец“, додаде Атанас Димитриоски, жител на село Славеј.
Од Центарот за социјална работа потенцираа дека досега ова семејство не било пријавено кај нив како ризично и земале додаток за трето дете и гарантиран детски додаток. Кога направиле увид вчера и денеска не забележале дека во домот е студено или дека останатите деца се запуштени у неухранети. Единствено како забелешка било тоа што имало голема нехигиена. Родителите биле повикани на разговор и во иднина со нив ќе се работи.
„За причините за смртта да оставиме да покаже обдукцијата, да го добиеме официјалните резултати. Ова што го кажуваме во однос на затоплувањето на домот го кажуваме во моментот на посетата, какви биле условите претходно не можеме ниту да потврдиме нути да негираме нешто“, рече Гордана Велјаноска, педагог во Центар за социјална работа Прилеп.
„Досега до Центарот немало никаква дојава ниту од член на семејство, ниту од заедницата дека има некакви проблеми или дека семејството е во ризик по било која основа на што Центарот е должен да реагира. Единствено што користеле е детски и родителски додаток“, додаде Иле Тасески, заменик директор на Центар за социјална работа Прилеп.
Според јавниот обвинител Стевчо Биноски првичните наоди наведувале дека причина за смртта е неухранетост, но сепак обдукцијата требало да ја каже точната причина за смртта и мерките кои ќе бидат преземени.