За прв пат во Прилеп, во организација на здружението „Платформа за Креативни Концепти“, а со поддршка на Преспанско – Пелагониската Епархгиоја, Општина Прилеп и Институтот за старо словенска култура се организираше настанот „Денови на Свети Климент Охридски“ посветен на патронот на нашата Македонска православ црква и нашиот голем просветител. Делото на Свети Климент се смета за Рамноапостолско поради ширењето на христијанството, но и на писменоста и образованието кај словенските народи. Беше порачано дека ваквите настани треба да ги има што е можнп повеќе и да бидат пример за сите нас како треба да си ја почитуваме историјата и нашето духовно наследство.
„Без угледување на животот на наставниците, во конкретниот случај на Свети Климент Охридски, и оваа истражувачка да ја наречеме школа на овие млади луѓе треба да биде пример за сите, и за возрасните и за интелектуалците особено. За да си ја запознаат верата бидејќи оној кој што не си ја знае својата вера во конкретниот случај, нашата православна вера, тој очигледно дека не заслужува ниту да се нарекува православен. Во таа смисла пофалби за овие млади ученици со нивните наставници и тие верувам дека ќе бидат образецот како треба допрва ние Македонците да покажеме и докажеме дека не ќе може поинаку да се одржиме и да опстоиме тука на земјата и да го заслужиме Царството небесно, освен преку делото што нам ни го предале нашите учители и наставници, Светите Браќа Кирил и Методиј, а пред тоа секако апостол Павле и не само да ја научиме верата туку да ја живееме како што вели апостол Павле угледајте се на мене како што јас се угледав на Христа. И ние да се угледаме на Светите браќа Кирил и Методиј и Свети Климент како што тој се угледал во Христа нашиот Спасител“, рече Г. Петар, Митрополит Преспанско – Пелагониски.
„Учениците имаа за цел да сработат што е можно повеќе творби и нивните ментори да им покажат она што е повеќе од учебниците кои ги учат на училиште. Имаа за цел да направат творби и еве денеска на завршниот настан имаме за цел да се претстават со тие творби. Најмногу сакам да искажам благодарност до Општина Прилеп, Преспанско – Пелагониската епархија, Институтот за старо словенска култура и останатите институции како Витаминка, Прилепска Пиварница, книжарниците Михаела, Макспринт, Бамби, пекара Маја. Чест имаме и како гости проектот да го поддржат и преставниците на Просветно дело кои ќе ги објават делата на децата во нивните списанија. Искрено сакам да искажам голема благодарност до сите учесници, до родители кои го поддржаа овој проект и до учениците кои сакаат да учествуваат во овој проект и сакаат што повеќе да се направат вакви проекти. Еден апел до Општината и до сите институции да ги поддржат овие проекти и да ги афирмираат делата на Светите Климент Охридски и Свети Кирил и Методиј, каде што ќе се афирмира нивното дело и ќе се продолжи нивната просвета“, додаде Андреј Иваноски, организатор на настанот.
„Нас како институција ни е голема чест што сме дел од еден ваков проект за кој што сметаме дека многу е значаен особено поради вклучувањето на најмладите во едно вакви иницијативи. Кои пред се се во насока за зачувување на споменот на Свети Климент и сметам дека би требало вакви проекти да има многу почесто и да бидат во поголем обем. Всушност ние како научнио работници и истражувачи треба баш на овие сегменти да се вложуваме најмногу бидејќи токму преку едуцирањето на младите всушност нашатѕа работа добива смисла“, истакна Александар Василески, директор на Институт за старо-словенска култура.
Еден месец 80-тина ученици од 7-8 одделение од сите основни училишта во Прилеп беа дел од работилници по македонски јазик, историја и ликовна уметност и секоја група во својата област создаваше дела поврзани со ликот и делото на Свети Климент Охридски.
„Цртежот се пренесуваше на платно користевме некоја навидум блиска и адекватна техника која се користела во средновековието за цртање кога била популарна таа византиска школа на цртање. Да се восприеми од страна на децата и тие да имаат една визуелизација која треба да ја пренесуваат и на другите генерации“, вели Александар Џинго, ментор на групата по ликовна уметност.
„Литературната секција имаше за задача да пишува акростихови посветени на делото и животот на Свети Климент. А рецитаторската секција имаше обврска да напише и изрецитира стихови кои се посветени на учителот над учителите на човекот кој денес го чествуваме Свети Климент“, потенцираше Наташа Кулеска, ментор на групата по македонски јазик.
„Јас сум оптимист дека овој проект ќе прерасне во традиција не само во Прилеп туку и во сите градови во Македонија. Целта на овој проект е да се изгради Свети климентовата црква и Свети климентовиот универзитет во себеси и на тој начин ние ќе се изградиме како благородни личности кои ќе сотвориме богоугодно општество“, рече Горјан Василески, ментор на групата по историја.
Учениците велат дека се презадоволни од учеството во проектот и дека сакаат и во иднина да бидат дел од вакви манифестации.
„Јас сум учесник во рециталот, кој што ние учениците кои сме 10 на број, имавме за задача да составиме еден рецитал и денеска да го претставиме. Сите стихови кои ќе ги претставиме денес беа големо задоволство за нас да ги создадеме бидејќи сите тие се во чест на нашиот прв учител и светител кој денес го славиме Свети Климент Охридски“, изјави Тамара Трајческа, учесник во проектот.
„Свети Климент е еден од учениците на Свети Кирил и Методиј, тој е нивни придружник во Моравската мисија и исто така тој е основач на писменоста во нашиот народ. Благодарение на него нашиот народ станл писмен и ни го оставил во наследство тоа што го имаме денес“, кажа Методи Здравески, учесник во проектот.
Ова на некој начин е продолжување на проектот кој во месец мај беше посветен на Светите Кирил и Методиј и во кој на сличен начин учениците го обработуваа нивниот лик и дело.