Да се остане да се работи во Македонија или да се замине во странство? Граѓаните поделени околу ова прашање, но најголем дел сепак одбираат да заминат. Пред се поради ниските плати тука. Во Прилеп веќе се бараат работници кои ќе го градат автопатот за Бехтел и Енка. Секој ден има отворен штанд во центарот на градот каде може да се пријават граѓаните. Некои сакаат да работат, други пак велат дека недоволно се плаќа. Отворен оглас има преку цела година и кај други странски инвеститори, кои не можат да најдат работници.
„Се интересираш да се вработиш во Бехтел и Енка?
Да.
Условите какви се, дали би се вработил?Ќе се вработам, морам, немам пари, дно, дна, тоа е“, вели еден прилепчанец.
„Маркетинг од Владата ништо повеќе. Немам повеќе што да додадам?
Дали прашавте какви се условите за работа?
Прашав, незнаат да ми кажат.
Како не знаат?
Така не знаат, поставиле тука некои млади девојчиња не знаат да објаснат“, додаде друг граѓанин.
„Јас не се одлучувам повеќе за странство, бев таму 5 години сега си се вратив тука.
И зошто се одлучи да се вратиш?
Тука ми е фамилијата, жената, деца, тука е подобро“, вели трет граѓанин.
„Да ви кажам за цената на трудот тука не е платена и затоа младите заминуваат. Не работат децата за тие пари, јас 11 години бев на запад и знам како се плаќа трудот“, истакна друг граѓанин.
Од конзорциумот Бехтел и Енка велат дека до средина на следна година им требале 2.000 вработени, од канцелариски работници, инжињери, шофери на машини, па се до работници на терен. Платата ќе зависела од работното место, но немала да биде повисока од таа која ја даават македонските компании. До петокот имаше само 360 апликации за работа таму. Се очекува бројот да се зголеми.
„Навистина внимаваме нашите плати да бидат изедначени со тие на локалниот пазар на труд, не е коректно ние да дојдеме и да плаќаме повеќе и да земиме работници од локалните компании. Ние сме тука да работиме со локалните компании и ни треба одржливо решение да тие компании работат со нас и да продолжат да работат уште долго откако автопатите ќе бидат завршени“, изјави Џошуа Бејкер, директор на проектот за автопатите на Бехтел и Енка.
Од АВРМ планираат преку разни мерки и државна помош од 2 милијарди денари во наредниот период да се вработат околу 15.000 лица, но апелираат да не се испуштаат ваквите шанси за вработување.
„Ова е одлична можност за сите тие долгорочно невработени лица, кои чекаат за вработување, да имаат конкретна работна позиција, бидејќи проектот ќе се реализира во рок од 5 години“, потенцираше Беким Мурати, директор на АВРМ.
Сепак без зголемување на платите како македонските така и странските компании кај нас се повеќе ќе се соочуваат со недостиг на кадар од сите профили или пак излезот ќе го бараат во увоз на работна рака.