ВИДЕО- Се одржа 5-тата „Вело тура за култура“ со посета на „Участакот“ и Споменикот на паднатите борци кај манастирот Прилепец

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми



По повод 80 години од победата над фашизмот и 50 години од доделувањето на Прилеп „Орденот народен херој“ од страна на Маршалот Јосип Броз Тито и оваа година по 5-ти пат, во организација на здружението Платформа за Креативни Концепти, се одржа рекреативната и едукативна велосипедска тура „Вело тура за култура“, чија што основна цел е посета и промоција на прилепските споменици на култура, археолошки локалитети и музеите со нивните поставки, притоа спојувајќи го сето тоа со спорт, рекреација и здрави навики на живот, или во случајов велосипедизмот.

Ова веќе традиционално издание на „Вело тура за култура 5“ беше посветено на историското минато и периодот од народноослободителната борба, кои што се исклучително значајни за градот Прилеп. Во склоп на истата се посетија „Участакот“ и споменикот на паднатите борци во близина на манастирот „Свети Никола“ кај село Прилепец.

Турата започна од центарот на градот, со посета на Участакот, кој за време на Втората светска војна во периодот од 1941-1944 година служел како бугарска полициска станица, а подоцна и полициска станица на македонските сили, за во 1952 година да биде претворен во Музеј за народноослободителната војна. Овој музеј е симбол на македонското востание и желбата на македонскиот народ за создавање на своја сопствена самостојна држава. Денес објектот е поделен на 3 сали, со поставка на 236 метри квадратни, каде што можат да се видат голем број на документи и фотографии од тоа време, импровизирани простории, оружје, а тука е и копијата од Орденот за Град Херој на Прилеп, кој го доделил маршалот Јосип Броз Тито за придонесот кој Прилеп го имал за време на Втората светска војна за ослободување од фашистичкиот окупатор, со 650 жртви и 10 народни херои. Повеќе за значењето на овој објект и за народноослободителното движење во Прилеп за време на Втората светска војна ќе биде презентирано од страна на стручно лице при Завод и музеј Прилеп.

Од Участакот турата продолжи кон манастирот Свети Никола кај селото Прилепец каде се посети споменикот на паднатите партизани. На 19.12.1942 година во битка против бугарскиот фашистички окупатор кај селото Прилепец својот живот за слобода на Македонија го даваат народниот херој Киро Нацевски – Фетак, Борка Спасески – Влачарот, Стеван Базерко – Лански, Стеван Димески – Ништакот, Димче Мирчески – Бањарот, Гога Јанкулоски – Бедов, Трајче Најдоски – Соколе, Бошко Јосифоски – Корчагин и Методија Бошкоски – Ѓурчин. Во знак на почит кон загинатите борци на партизанскиот одредот „Ѓорче Петров“ во 1977 година подигнат е споменик, дело на скулпторот Борис Николоски.

Презентацијата на нашето културно историско минато на учесниците на оваа тура ја направи Рубин Белчески, историчар од Заводот и музеј Прилеп.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми