Во годината кога се одбележуваат 100 години од основањето на модерна Република Турција, припепскиот Завод и Музеј со изложба го заврши проектот за истражувањето на ликот и делото на прилепчанецот Али Фети Окјар, истакнат турски политичар, десна рака на Мустафа Кемал Ататурк. Окјар бил два пати премиер на Турција, претседател на турското собрание и 5 мандати пратеник, министер за внатрешни работи, министер за правда, а и амбасадор во повеќе држави.
„Со овој проект можеме да ги зацврстиме сите наши пријателски односи меѓу двете држави, Република Македонија и Република Турција, во овие моменти во кои како братски држави и полето на соработка можеме да го прошириме, како на стопански план, економски, еве ние даваме иницијатива на еден културен план“, изјави Горан Цветкоски, директор на Завод и Музеј Прилеп.
Автор на проектот и изложбата е историчарот Рубин Белчески кој подолг период собира материјали за овој истакнат лик. Голема помош имал од внукот на Али Фети Окјар кој се вика исто како и неговиот дедо.
„Тоа е целта, да ги откриваме личностите од нашата историја, од нашето поднебје, сите кои дале некаков придонес било за Македонија, било за Балканот, или за останатите земји. Очигледно Али Фети имал многу дадено и голем придонес за развојот на демократијата, особено за прогласувањето на Турција за република“, истакна Рубин Белчески, историчар.
Двата најзначајни ликови на модерна Турција се поврзани со Македонија, Ататурк се школувал и живеел во Битола, а Окјар бил роден во Прилеп.
„Али Фети Окјар е еден од значајните симболи во Турција и е еден од најзначајните политичари во нашата земја и мило ми е што сум тука“, рече Бирол Оскардашлер, претставник на Општина Конак во градот Измир.
По теркот на Спомен собата на Ататурк во битолскиот музеј, веќе во тек е иницијатива за отворање на ваква соба и на Фети Али Окјар во Прилеп.