Тутунарите кои денеска чекаа субвецнии пред прилепските банки велат дека се крајно револтирани затоа што никој точно не им кажувал дали има или не субвенции. Се пожалија и тоа дека субвенциите сега биле крајно задоцнети и обезвреднети со сите поскапувања.
„Што ќе значат субвенциите за нас ништо. Со скапотијава пропаднато е нештово. Тие пари што ќе ги земеме сега немаат вредност“, вели еден тутунар.
„Скапотијата е голема, едно шише масло-едно кило тутун. Не знаеме дали се пуштени субвенциите или не, никој не кажува, чекаме на милост и немилост. Тешко ќе биде оваа година, прво производството ќе нема да се финансира, пти луѓето немаат пари“, кажа друг тутунар.
„Ние чекаме тука со саати, а никој не не информира има или нема пари. Значи срамота е на оваа жештина да се малтретираме вака. Овие пари сега не значат ништо, се се покачи и парите не значат ништо. Бадијала и работа и се. Господ само да ни е на помош“, истакна трет тутунар.
„Ако овие пари ни ги пуштеа на време можевме пример да купиме 2 пакети масло, сега ниту еден. Доаѓаме од селава, без да знаеме дали има или нема субвенции, никој не излегува да ни каже има или нема“, додаде четврт тутунар.