Диме Петрески е сестран уметник од Прилеп кој работи во повеќе техники како што се wire wrapping, обработка на скапоцени камења, филигранство, како и изработка на уникатни 3Д слики каде објектите на нив се од обоени камења. Со уметност започнал да се занимава пред 25 години и тоа со wire wrapping-от. Прво започнал како препродавач на бижутерија, но потоа решил сам да ги креира делата. Обетки, алки и прстени со wire wrapping.
„Тој дел ми е најлесен, наједноставен и најмногу можам да постигнам успех во креацијата во овие производи. И затоа се снабдив со мониста, со жици од најразличен вид, претежно работам во алуминиумски легури, кои се лесно за носење, лесни за обработка и се едноставни за носење кај жените и не оксидираат жиците, што е најбитно“, истакна Диме Петрески, уметник од Прилеп.
Една од најинтересните техники кои ги работи е обработката на драги камења, кои сам ги наоѓа во планините и потоа истите ги става на сребро. Најинтересна е обработката на надалеку познатиот прилепскиот корунд, односно прилепскиот рубин и сафир.
„Значи групата е корунд, а спрема бојата се дели, ако е црвен рубин, а сите други бои сафир. Значи тегет плавата боја е најпозната за сафирот, но има и розев и безбоен, повеќе нијанси има на сафири. Го носат и на саеми, каде го продаваат. И секаде е застапен како македонски рубин. Во цела Западна Европа, освен Русија, само во Прилеп, во Македонија, е застапен нашиот рубин. Овој рубин не е во светски најквалитетните, затоа што содржи одредени инклузии, се појавуваат како одредени ластови на самиот рубин“, додаде Петрески.
По цврстина корундот бил веднаш зад дијамантот и затоа бил тежок за обработка. Се обработувал истиот со дијаманстки брусилки, а за да добие некоја форма Петрески еден рубин го обработувал по неколку часа. Вели дека кај нас овие скапоцени камења се бараат помалку поради слабата финансиска моќ на граѓаните, а и кога ќе продадел нешто тоа не била вистинската вредност на каменот.
„Тежината е во карати, 0.2 грама е еден карат. На пример ако е цената еден грам 25 евра или еден карат од 4 до 10 евра, зависи од бојата од квалитетот на рубинот, тоа постигнува многу големи цени во странство. Сум гледал рубини со добар квалитет од 4 карати, две камчиња чинат некаде 400-500 евра“, истакна Петрески.
Создава и 3Д слики од камења, каде најчесто се претставени риби.
„Претежно се изработени во камен рибите, користам и школки. Рибите се претежно морски, затоа што колоритот на морските риби е подруг. Користам дрвени рамки, лесонит, акрилни бои, креацијата е бескрајна“, додаде Петрески.
Засега своите производи ги продава само во Македонија и туристите кои доаѓаат тука, но идејата му е истите да започне да ги пласира и во странство. Петрески исто така вели дека во иднина сака од страна на уметноста да се проба и да започне уште со сликарството.