Иднината на македонскиот текстил е во преструктуирањето и создавањето на сопствени македонски брендови, за да не се зависи од останатите странски компании од овој сектор. Ова е оценката на бизнисмените кои сметаат дека Македонија со добра стратегија може да создаде и базна индустрија за нашите конфекционери.
„Не е ништо касно, во Македонија има прекрасни модни креатори, лица кои ја познаваат модата, кои можат да креираат сопствен македонски производи и она што е уште подобро, доколку би успеале да имаме базна индустрија за потребите на нашите конфекционери секако дека предноста би била многу поголема. Меѓутоа треба национална стратегија за тоа, не може една компанија да започне сама со процес на базна индустрија со поддршка на државата и владините институции, поготово да се посветиме на природните материјали нешто што во иднина ќе недостасува многу и оние кои ќе бидат први, кои први ќе инвестираат во базна индустрија од природни материјали ќе имаат предност во споредба со другите“, вели Ирена Јакимоска, потпретседател на Регионална стопанска комора Прилеп.
Исто така полека требало како држава да го отвораме пазарот и за другите земји, а не само оние од Европа.
„Треба да има различен пристап спрема пазарите не само Европа да ни биде клучен пазар за нашите компании туку треба да има диверзитет, различност, поготово и спрема азиските земји да се отвориме“, додаде Јакимоска.
Ситуацијата требало да се поробри и на полето на зголемување на бројот на извозно ориентирани компании кој во моментов бил премал.
„Фактот што само 4% од компаниите сме извозно ориентирани не прави малку ранливи и таа бројка од 4% е долго време во Македонија и немаме раст на ова поле. Работодавците да бидат похрабри во своите одлуки, да преземаат ризици и јас ги охрабрувам да работат што повеќе спрема извозна ориентираност бидејќи и Европа независно што во моментов имаме таква ситуација, ќе и треба добавувач од овие простори. Сепак Македонија е дел од Европа и ќе биде Европа и е многу поедноставно да ја искористиме предноста на доставата која што ја имаме во овој момент“, потенцираше Јакимоска
Како позитивен импакт на нашата економија во 2025 се гледа и унгарскиот кредит кој се очекува да има големи позитивни импликации врз целото стопанство.