На прашањето зошто толку се доцни со асфалтирањето на улиците во Прилеп кои беа предвидени за рехабилитација, градоначалникот Јовчески одговори дека дадени биле дополнителни 15 до 30 дена за доизведување поради деновите кои според закон не била дозволена градба.
„Договорот за рехабилитација со фирмата изведувач е во дозволените рамки, со еден предуслов да бидат внесени и деновите кои се изгубени во времето на портокалова фаза и времето кога имало дождливи денови. Тоа надзорот го има анализирано и веќе се дозволени дополнителни 15 до 30 дена за доизведување на градежните активности. Сѐ она што ќе ги надмине границите на рокот кој го дозволил надзорот влегува во казлива категорија, односно пенали или активирање на банкарска гаранција“, рече Јовчески.
За доцнењето на изградбата на градинката Јовчески истакна дека очекува таа да биде пуштена до крајот на оваа година.
„Градинката, како што кажав вчера добив информација од директорката на градинки дека од Министерството за информатичко општество веќе е дадено одобрение, што не значи дека административниот круг за решавање на тој проблем од централната власт е завршен. Сега треба да се издејствува согласности и блок дотации за пуштање во функција на градинката. Јас сум оптимист и најоптимално до крајот на годината треба да биде пуштена, се разбира во разбирање и соработка со Минситерството за труд и социјална политика. Оваа недела се потпишува и техничкиот прием, а забелешките кои ги имаа од надзорниот орган ги сметаат за отстранети недостатоците и тоа е предуслов за да имаме и технички прием“, вели Јовчески.