 
															Оркестарот „Александар“ од Виена, Австрија е добитник на гран при наградата за најдобри изведувачи на годинашниов, 51-ви Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ кој вчера и денес се одржуваше на Рудина, Долнени, лулката на гајдаџиството во Македонија. На фестивалот двата дена учествуваа околу 300 изведувачи од земјава и странство.
„Ние сме среќни што наоѓаме начини да ја негуваме оваа музика. За првпат во дијаспората може секој да дојде и да го учи изворниот македонски мелос. Настапуваме насекаде и ја шириме македонската музика и таа убава енергија“, вели Александар Арабаџиев кој го води оркестарот „Александар“ во Виена.

ОРКЕСТАР „АЛЕКСАНДАР“ ОД ВИЕНА, АВСТРИЈА
Младиот гајдаџија Александар Ангелов од Штип е добитник на наградата „Гајдата на Пеце“ што ја доделува Општина Долнени. Вели дека цел живот е со звуците на гајдата.
„Гајдата за мене има големо значење. Пораснав со тој звук, го свиереа моите предци и мојот татко. Ќе продолжам да ги негувам овие „волшебни звуци“, изјави Ангелов.

АЛЕКСАНДАР АНГЕЛОВ, ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА „ГАЈДАТА НА ПЕЦЕ“
Околу 300 изведувачи на изворниот мелос од Македонија и странство на Рудина, Долнени викендов ги разлеваа традиционалните звуци. Фестивалското жири за особени изведби додели и 10 статуетки со патронот на Фестивалот, три гајдарки и дипломи на сите учесници. Во рамките на Фестивалот се одржаа Семинар за изучување на изворниот мелос и Симпозиум за „Фолклорот во минатото и денес“.
		
 
				 
								 
								 
								 
															 
								 
								 
								 
								 
															 
								 
								 
								 
								 
								 
								 
															 
															 
	 
	 
	 
	 
	 
	 
				