ДСЗИ бара дисциплинска одговорност кај здравствените работници кои учествувале во лекувањето и исписот на близначињата од с. Славеј

По вонредниот инспекциски надзор на Општата болница во Прилеп Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе бара утврдување на дисциплинска одговорност кај здравствените работници од прилепската општа болница кои учествувале во лекувањето и исписот на близначињата од селото Славеј кои починаа на 16-ти овој месец, како и наредба за задолжително известување на надлежниот Центар за социјални работи во случај кога интересите на пациентот односно неговиот родител/старател се спротивставени, а за што од страна на ДСЗИ ќе биде спроведена и соодветна прекршочна постапка.


Од ДСЗИ утврдиле дека по барање на мајката на бебињата и со нејзин потпис тие се испишани од установата на 10.01. и покрај убедувањето на лекарите да не го прави тоа затоа што за целото време од нивното породување на 31 декември до 10 јануари тие биле вo инкубатор, давана им е антибиотска и друга терапија вклучително со фоторетапија  заради појава на неонатална жолтица. А во однос на исхраната, првично тие биле  хранети со сонда за да последните денови од престојот во установата бидат префрлени на мајчино млеко. Но болницата не го известила Центарот за социјални работи од Прилеп за овој испис.

Истовремено ДСЗИ врз основа на Законот за санитарна и здравствена инспекција, до Министерот за здравство ќе иницира постапка за стручен надзор над стручната работа на здравствената установа согласно Законот за здравствена заштита.

Од Општата болница во Прилеп велат дека по препораките на ДСЗИ ќе формираат внатрешна стручна Комисија за испитување на случајот и со повеќе детали ќе излезат утре.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи