Министерот за здравство Венко Филипче смета дека сега, кога државата обезбедила доволно вакцини против ковид-19 за да бидат достапни за секој што сака да се заштити, повеќе не би требало да има затворања за сите, полициски часови и слично, туку граѓаните треба да преземат одговорност за сопственото и за здравјето на најблиските.
„Епидемија може да трае и повеќе години, имаше некои предвидувања дека може да трае и до 2024, дека ќе премине можеби и во ендемска форма, ама тоа не значи дека ние треба да живееме затворени“, вели министерот Филипче.
Затоа тој апелира сите да се вакцинираат против ковид-19, поради тоа што вакцината штити од тешка болест и од смрт.
„Со вакцините, граѓаните ќе се заштитат себеси, така и да е присутен вирусот и да дојде некоја нова мутација, ако се заразат ќе имаат лесна форма на болеста, веројатно форма на некаква настинка“, истакнува Филипче.
Во земјава во моментов вакцинацијата се одвива со „Фајзер“, „Синовак“ и „АстраЗенека“. Досега се вакцинирани 390.623 граѓани, а пријавени се 492.662 граѓани. Од 12 јули секој ќе може да се вакцинира без закажан термин.