Општина Прилеп започна со акција за санација на ударните дупки на сите градски сообраќајници и патишта на територија на општината. Освен тоа на одделни сообраќајници се става тампон, a pаралелно течат активностите и за поплочување на улиците со бекатон плочки.
„Оваа недела започнавме со корекција на ударните дупки и санација на улиците и патиштата. Се санираат дупки во моментот на повеќе места, пред ОУ „Добре Јованоски“, на улицата Мице Козар, во населба Точила… Ова е времено санирање на улиците со бекатон и тампон, до пуштањето во работа на асфалтните бази после што сите ударни дупки и прокопи ќе се асфалтираат. Во моментов работиме и на паркинг просторот кај гробиштата, во пресрет на велигденските празници со цел да обезбедиме непречено паркирање на возила, зашто во тој период посетеноста на граѓаните е голема“, изјави Александар Здравески раководител на ДООЕЛ „Пела Транс“.
Активно работат и екипите на ЈКП „Комуналец за чистење и разубавување на градот. Се работи во сите населби. Посебно внимание се обрнува на парковите и одржувањето на зеленилото. Во исто време мијат улиците со цистерни.
„Поголеми активности се преземени во косење и генерално уредување на парковите и тревниот дел на градската река. Се косат и уредуваат парковите во сите населби, се уредуваат алеите низ двосмерните улици и се кастри и обликува зеленилото, а ќе се засадува и цвеќе на повеќе локации низ градот“, велат од ЈКП „Комуналец“.