Прва механизација на терен за изградба на брза пруга од Табановце до Гевгелија ќе имаме уште оваа есен. Ќе почнеме со геомеханички и геолошки истражувања и други технички истражувања за да видиме каде може да ја скратиме должината на пругата, посебно кај делот кај Велес, истакна директорот на ЈП МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски во интервјуото на ТВ Сител.
Трасата на брзата пруга треба да се движи паралелно со постоечката и за пет години од почетокот на изградбата да биде завршена.
„Најавата за брза пруга е уште пред една година, лани летото и согласно тоа почнавме да се подготвуваме. Очекувам првата механизација да биде некаде на есен на терен. Најидеален дел каде да се гради оваа брза пруга е до постоечката пруга. Тоа значи дека добар дел се местата се населени, мислам дека ќе има експропријација но ќе се обидеме тоа да го сведеме на минимум. Од друга страна со самото тоа што ќе се гради до постоечката пруга тоа е пат што е трасиран и сите проблеми на терен се познати. 152 години оваа пруга постои и затоа сме сигурни дека ќе почнеме за брзо бидејќи ја познаваме трасата и теренот. Очекуваме за 5 години од почетокот на градба да дојдеме до финишот, “ истакна Ивановски.

Како што објасни, предвидено е брзината за патнички сообраќај да биде до 160 км на час, а за товарен до 120 км на час, бидејќи увидено е дека за пруга со 200 км на час одржувањето е до два и пол пати поскапо.
Тој најави дека новата пруга ќе биде со пократко растојание од постоечката.
„Моментално делницата Табановце – Гевгелија е 235 км влез-излез на државата. Ќе се трудиме да дојдеме до 200 км должина па и помалку. Има огромен дел со кривини и секаде каде е дозволиво тоа ќе се исправи”, потенцираше Ивановски.