Денеска во првата недела од Велигденски пост посветена на победата на Православието, во црквата Свети Кирил и Методиј – Параклис во Прилеп се одржа Литија со иконите од црквата кои ги носеа присутните верници.
Инаку Литијата е православен обред кој се извршува во форма на торжествена поворка од страна на свештенослужителите и верниците, проследена со црковни химни, икони, крстови, рипиди и други свети предмети, со цел да се отдаде почит кон Бога и Неговите светии и да се испроси Неговата благодат и милост. Литија, во превод од грчки, означува усрдно сенародно молење. Една од особеностите на литијата е тоа, што таа се извршува околу храмот, манастирот или градот.

Свети Симеон Солунски вели – „Потребно да се знае, дека сите литии, се извршуваат надвор, или во притворот, или околу обителта, или градот, а се извршуваат во спомен на нашето отпаѓање, дека ние, отпаднатите грешници се наоѓаме надвор од Едем, и дека сме должни да се научиме на смирение и да размислуваме дека сме недостојни за светите места – рајот и небото, и да се угледаме на митарот, кој според длабокото смирение на својата гревовност стоеше во далечината, и на Адама, изгонетиот од рајот“.
Осветување на сите стихии на природата е првата побуда за извршување на Литијата.