Македонија бара да увезува отпад од ЕУ

Facebook
Twitter
Email
Print

Македонија е дел од 24-те земји кои што ја информирале Европската Унија дека сакаат да увезуваат и да третираат отпадни материјали.

Македонија бара да увезува осумнаесет типови отпад, деклариран на листата на неопасен отпад од земји од Европската Унија (ЕУ). Станува збор за метали и отпад од обоени и необоени метали, калај, железо, цинк, челик, олово, алуминиум, како и маст и масло за јадење, хартија и картони и стакло.

„Извозот на неопасен отпад познат како отпад од „зелена листа“, генерално ќе биде забранет во земјите кои не се членки на ОЕЦД. Исклучок од ова правило би биле земјите кои имаат капацитети што ги исполнуваат условите за заштита на животната средина, за преработка на овој отпад“, велат од Министерство за животна средина и просторно планирање.

Европската комисија е таа којашто ќе треба да одлучи дали земјата има капацитет да управува со овој отпад на еколошки здрав начин согласно правилата на ЕУ законодавството и од тоа зависи дали земјата ќе се најде на листата на земји кои ќе можат да вршат увоз на отпад од ЕУ.

Според еко-активистите во земјава, причините зошто Македонија пројавила интерес да увезува отпад од ЕУ се разбирливи, најмногу поради индустриската намена. Но, штетите коишто може да настанат се другата страна на целата приказна.

„Тешките метали што ги испуштаат индустријата, нафтата и мазутот се канцерогени. Има разлика дали повеќе тешки метали ќе се вдишат и дали ќе се вдишат многу канцерогените диоксини и фурани кои се ослободуваат од горење на отпад. Тие не мора да покажат покачување на ПМ честичките во воздухот, но можеме да почувствуваме огромна смрдеа која задушува и да има огромно ослободување на овие диоксини и фурани кои се неверојатно канцерогени, а остануваат во воздухот и природата, и се таложат во организмот“, истакна Татјана Чакулев од „О2 иницијатива“ на надзорната расправа на собраниската Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот.

Од земјите од регионот, коишто не се членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), заинтересирани за увоз на неопасен отпад од ЕУ се само Србија и Босна и Херцеговина.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи