Пензионерите ќе го добијат и второто ветено линеарно зголемување на пензијата од 2.500 денари со мартовската пензија која ќе се исплати во април.
„Во Македонија задолжителното пензиско и инвалидското осигурување како област е уредено со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кој ја уредува методологијата на усогласување на пензијата. Член 18 став (3) ја става вон сила системската одредба од Законот во периодот од 1 септември 2024 година до 31 август 2025 година. Во овој период пензиите се зголемуваат во фиксен износ од 2.500 денари на 1 септември 2024 година и 1 март 2025 година“, се наведува во предлог измените на Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Од априлската пензија усогласувањето на старосната пензија која се исплаќа во земјава ќе се врши по старата методологија, односно според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50% и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во висина од 50%. Растот од 2,500 денари е вонреден раст, кој отстапува од ова правило.
За 2025 година, во Буџетот се предвидени 105,5 милијарди денари за исплата на пензиите.