Мицкоски: Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде апсолутен победник на локалните избори


Партиските анкети на ВМРО-ДПМНЕ покажувале предност од 4:1 во однос на следната партија по нив и затоа премиерот Христијан Мицкоски верува дека тие ќе бидат апсолутен победник на локалните избори во октомври.

„Јас сум реален оптимист дека коалицијата што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ ќе биде таа која што ќе биде апсолутен победник, врз основа на мерењата која што ние ги имаме. Ние правиме редовно секој месец, најмалку две, а понекогаш и три мерења на јавното мислење преку одредени атрибути коишто ги тестираме преку одредени политики, да видиме дали сме на вистинскиот пат или не сме. Од месец во месец сме се подобри. Јануари беше подобар од декември кој што беше најдобар“, рече денеска Мицкоски.

Според него, на последната теренска анкета која што ја добил рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ бил над 30 проценти, а втората партија со рејтинг од 6,8 проценти.

„Ако порано зборувавме за предност од 3:1, сега е повеќе од 4:1, и очекувам тој тренд да расте до одредено ниво и потоа да се стабилизира, бидејќи ќе биде исцрпен капацитетот, тоа е волуменот на гласачи“, рече Мицкоски.

Во партијата во тек е внатрешна процедура за имињата на кандидатите, при што ќе било земено предвид мислењето на членството, како и мислењето на граѓаните, па после ќе се одело пред органите на партијата. Двајцата главни фаворити од ВМРО-ДПМНЕ, министерот за локална самоуправа Златко Перински и актуелниот прв човек на Кисела Вода, Орце Ѓеоргиевски, кои јавно изразија подготвеност да влезат во градоначалничката трка за Скопје, ќе чекаат претседателот на партијата Христијан Мицкоски и партиските органи да пресечат кој ќе биде партискиот кандидат на локалните избори наесен. И Перински кој според некои анкети што се појави во јавноста моментално има најголема доверба од граѓаните и Ѓорѓиевски кој, пак според неофицијални изнформации има најголема поддршка од партиската база, се убедени дека ќе биде избран најдобриот кандидат.

„Да почекаме да заврши целокупниот процес и она име коешто претседателот Мицкоски ќе го предложи на извршните органи на партијата, јас сум убеден дека истото ќе стане и градоначалник на Скопје. Да почекаме да заврши целиот процес па ќе разговараме понатаму“, изјави Перински.

„Сега во тек се анкети коишто ги спроведува нашата политичка партија, оној којшто ќе има најдобри резултати на тие анкети, а притоа и ќе претставува најсоодветен кандидат, дали јас ќе бидам тоа, дали ќе биде некој друг, многу е важно да направиме промени во Град Скопје и многу е важно да дојде човек којшто ќе се занимава со решавање на проблемите на граѓаните“, изјави Ѓорѓиевски.

Од СДСМ, пак, најавија дека најдоцна до крајот на април или почетокот на мај ќе ги објават кандидатите за градоначалници. На објавената анкета најдобро котира екс-градоначалникот Петре Шилегов, а во партијата како најсериозни потенцијални кандидати се споменуваат поранешниот градоначалник на Карпош Андреј Петров, сегашниот претседател на Градската организација на СДСМ, Ѓорѓи Галетановски, потпретседателката Каја Шукова, како и Мишко Ралев, архитект и универзитетски професор.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи