Во зимскиот преоден рок, каде сите очи се вперени во првиот тим и трансферите во и од него, се случи несекојдневен трансфер на десниот бек од младинската школа на ФК Победа Прилеп, 15 годишниот Давид Здравески – Заза. Давид е инаку ученик во прва година во ДСУ Спортска академија – фудбал, примерен и дисциплиниран ученик.
Добрите познавачи на младинскиот фудбал, за него ќе кажат дека е дете кое во секое време ќе го видите на терените, без разлика на временските услови, од тренинг со клубот, преку тренингот со Академијата, се до работа на индивидуални тренинзи.
За тоа како младиот Здравески, меѓу соиграчите познат како Заза, се одлучи на овој чекор, кратко ни одговори:
„Не би сакал да говорам за вистинските причини, туку, само дека условите и начинот на работа во младинслата школа, не ми овозможуваат правилен психо – физички и фудбалски напредок кон кој се стремам. Иако имам само 15 години, не ми преставува пречка живеењето, школувањето и тренирањето да го продолжам во Битола, во младинската школа на ФК Пелистер во помладите пионери. Фудбалот е она што сум решил да го работам, затоа и се школувам за тоа и сакам професионален однос од мене и кон мене, а тоа се надевам во новиот клуб ќе го имам“, вели Здравески.
Запрашан дали еден ден би се вратил во ФК Победа, ни кажа дека Победа е во неговото срце, место каде што одраснал и дека тоа секогаш ќе биде во игра, но сепак, во иднина не би сакал да се навраќам наназад, туку да одам напред и за скоро дури и надвор од државата.
„На моите соиграчи им посакувам успешна сезона, а на мојот клуб што поскоро да се врати на нивото кое го заслужува. Сакам и јавно да се заблагодарам на моите тренери и професори од Спортската академијата и на мојот индивидуален тренер, кои ми помагаат, ме учат и ми даваат несебична поддршка во секоја смисла. Сега сите сили и мисли ми се насочени кон новиот клуб, во кој ќе го дадам мојот максимум на секое поле“, додаде Здравески.
На младиот Давид, му посакуваме успешни настапи за младинската школа на ФК Пелистер.