Министерството за надворешни работи на Македонија денеска соопшти дека согласно Законот за надворешни работи македонскиот амбасадор во Албанија, Данчо Марковски е веќе повикан на консултации.
„Поради итноста на материјата очекуваме консултациите да се случат во текот на оваа недела и за сите дополнителни детали јавноста ќе биде навремено информирана“, се наведува во соопштението од МНР.
МНР најави дека со него планира да ги прецизира недостатоците и недоследностите во пописниот процес, по објавените резултати каде македонското малцинство е преполовено во споредба со претходниот попис.
Македонските здруженија исто така не ги прифаќаат резултатите од пописот. Велат дека македонското малцинство било под притисок на бугарски здруженија кои се заканувале со одземање на бугарските пасоши. Најавуваат неформален попис кој ќе ги покаже вистинскиот број на Македонци кои живеат во Албанија.