Николоски: Првите 11 км од автопатот Прилеп-Битола се очекува да бидат пуштени следната година


Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, смета дека доколку се продолжи со ова темпо на работа првите 11 км од автопатот Прилеп Битола ќе бидат пуштени во сообраќај следната година, а до втората половина на 2027 година се очекува целосно да биде завршен овој автопат.

Николоски исто потенцираше дека од заборавен и целосно напуштен проект, со изборот на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, изградбата на автопатот од Охрид до Кичево се одвивала со силна динамика и резултатите биле видливи каде за два месеци се пуштени 34 километри за сообраќај.

„Ние решивме да го изградиме и еве за помалку од два месеци втора делница од автопатот пуштаме. Во јули месец ја пуштивме делницата од Врбјани до Ботун во должина од 20 километри од кои 17 активно се користат. Сега го пуштивме делот од Климештани до Охрид и со поврзувањето до аеродромот Св.Апостол Павле и исклучокот за Струга во должина од 17 км, веќе 34 км на автопатот се користат. Останатите 22 км очекуваме сукцесивно да ги пуштаме од месец октомври до крајот на следната година. За разлика од сега, минатата година се соочивме со проект кој што не постоеше, практично немаше проект” – изјави вицепремиеорт Николоски. 

Во делот на автопатите Тетово -Гостивар и Гостивар -Букојчани, вицепремиерот потенцираше дека проектите се реализираат со планираната динамика. Како што најави очекува почетокот на 2029 година да има целосно автопатско и експресно поврзување од ГП Деве Баир до ГП Ќафасан.

 „Обиколница на Крива Паланка ја почнавме, од Крива Паланка до Страцин веќе имаме експресен пат, во моментов со ЕУ преку “Планот за раст” работиме од Страцин до Куманово исто така на експресен пат. Таму експропријацијата е завршена, сега треба со ЕУ да се договориме за процесот на избор на Изведувач. Од Куманово до Скопје има автопат, има и Обиколница на Скопје која не е во добра состојба, следната година целосно ќе ја реконструираме. Скопје -Тетово веќе постои автопат, Тетово -Гостивар се гради, Гостивар -Букојчани се гради, Букојчани до Кичево до 30 септември очекуваме понуди, Кичево – Охрид го работиме, така што воопшто не е нереално да очекуваме крај на 2028, почетокот на 2029 година од ГП Деве Баир до ГП Ќафасан да имаме автопатско односно експресно решение”- изјави вицепремиерот Николоски.

Оптимизам гледа и во изградба на автопатот од Прилеп до Битола, каде најави дека првите 11 км се очекува да бидат пуштени во сообраќај следната година, односно до втората половина на 2027 година целосно да биде завршен тој автопат.

Во однос на автопатот Скопје – Блаце исто така најави дека оваа есен ќе се избере Изведувач заедно со Европската банка за обнова и развој со што ќе започне изградбата и на овој автопат.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира