Нова донација во прилепската болница – ехо апарат за ран скрининг и следење на развојното пореметување на колковите кај бебињата

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми

Шведската хуманитарна организација Ханд Тил Ханд денес донираше ехо апарат наменет за скенирање на целиот мускулен систем кој ќе биде користен во ортопедското одделение при Општа болница Прилеп, за ран скрининг и следење на развојното пореметување на колковите кај бебињата во доенечка возраст.

Директорот на прилепската болница, д-р. Кире Јоноски истакна дека во последните 3 години реализирани се 3525 ехо прегледи на колкчиња кај деца.

„Во последниве 3 години реализирани се вкупно 3525 ехо прегледи на колкчиња кај деца, односно околу 100 прегледи месечно. Денес со новиот ехо апарат ќе продолжиме со постојана пракса за следење на развојното пореметување на колковите во доенечка возраст, почнувајќи од 2 месечна возраст, а потоа со следни контроли на 4 месечна, 6 месечна, 9 месечна и 12 месечна возраст. Ќе можат да го користат граѓаните на општина Прилеп, како и од соседните општини, преку закажани термини од страна на матичните доктори преку Мој Термин. Изразуваме огромна благодарност до донаторот, затоа што со новиот апарат ќе работиме на скрининг на колковите, за да понатаму работиме и за целосни ехо прегледи на мускулно-скелетниот систем“, рече Јоноски.

На светско ниво оваа метода за прв пат е применета во Австрија во 1983 година, додека во Македонија за прв пат е започната да се применува во Прилеп во 1989 година од страна на примариус доктор Трајче Бошкоски, со апарат кој исто така бил донација од страна на Јапонската амбасада.

Раководителот на одделот за ортопедија и трауматологија во прилепската болница, д-р. Василе Василески потенцираше дека овој апарат е навистина добредојден, бидејќи претходниот апарат се користел цели 32 години.

„Како метод на работа е со долгогодишна традиција, почнувајќи од примариус доктор Трајче Бошкоски, како пионери во тогашна Македонија, 32 години да се користи постојниот апарат е за почит. Станува збор за скрининг метод за рано откривање на развојно пореметување на колкот, безбеден метод, не е штетен и се надеваме дека со дополнителна обука ќе продолжиме и со новите генерации на идни ортопеди во Прилеп. Со овој метод се спречува дополнително оштетување на зглобот, кое понатаму ќе бара оперативно лекување. Значи за да не дојдеме до поагресивни и инвазивни методи на лекување, со раното откривање и со користење на одредени ортопедски помагала, вежби, можат да се спречат овие трајни оштетувања и деформитети на колкот како повозрасни“, истакна Василески.

Марија Русенгрен од хуманитарната организација Ханд Тил Ханд која што го донираше апаратот истакна дека донациите во Прилеп ги прави со љубов и дека веќе има донирано преку 600.000 евра.

„Во Прилеп имаме донирани претходно од 600 до 700 илјади евра донации во болницата и во домот за стари лица. Ние сме запознати со Прилеп, кои се проблемите во здравството во Прилеп, така да идејата и љубовта да му помогнеме на Прилеп е многу голема. Сакам да му се заблагодарам на директорот кој со широко отворени раце ја прифати донацијата, што е чудно за Македонија директор кој имал 3 операции истиот ден да ни помогни и да ги искординира сите потребни документации и во еден ден ја реализиравме нашата донација. Апаратот е во вредност од 15.800 евра, целосно нов апарат и секоја година истиот може да се надоградува за полесно воспоставување на дијагноза кај бебето“, рече Русенгрен.

Директорката на хуманитарната организација Ханд Тил Ханд најави уште 2 нови донации во Прилеп, кај децата со пречки во развојот во август или септември, како и донација за стоматологија.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми