„Водовод и канализација“, „Улици и патишта“ и „Комунална хигиена“ од Скопје се најголемите загубари меѓу јавните претпријатија, покажува анализата направена од Центарот за граѓански комуникации.
Загуби во минатата година оствариле повеќе од половина од јавните претпријатија во земјава, поточно од вкупно 128, со минус на сметката биле 71 претпријатие, а вкупниот износ на загубите изнесува 17 милиони евра.
На четврто и петто место на листата на загубарите се две битолски претпријатија, „Водовод“ и „Комуналец“, а по нив следуваат скопското „Паркови и зеленило“ и комуналните претпријатија од Кочани, Велес, Охрид и Прилеп. Според анализата, вкупните загуби само на првите 10 претпријатија изнесуваат 13,5 милиони евра, што е дури 77 отсто од вкупните загуби на сите јавни претпријатија.
Убедлив шампион е скопски „Водовод и канализација“, кој 2024 година ја завршил со загуба од 4,2 милиони евра. Ова јавно претпријатие има и највисоки краткорочни обврски, кои изнесуваат дури 53,3 милиони евра. Според анализата на завршните сметки на сите јавни претпријатија, дури 126 од 128 имаат вакви долгови кои вкупно изнесуваат 193,2 милиони евра.
Веднаш после „Водовод“ е јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ кое има долгови од скоро 17 милиони евра, а со долгови од по речиси 10 милиони евра се кумановски „Водовод“ и гостиварски „Комуналец“. На петто место, со долгови од 8 милиони евра се наоѓа скопска „Комунална хигиена“.
Прилепското јавно комунално претпријатие „Водовод и канализација“ се наоѓа на 10-тото место на листата најголеми должници со долг од преку 462.000 евра.
„Една третина од локалните јавни претпријатија имаат блокирана банкарска сметка, односно 41 претпријатие. Гледано во однос на вкупните приходи и расходи на претпријатијата се воочува пораст и на двете страни. Притоа, приходите се зголемени за 6,1 милион евра, односно за 2,7 отсто во 2024 година во однос на претходната година, а расходите, пак, пораснале за 11,7 милиони евра, односно за 5 отсто,“ стои во анализата на Центарот.
Во сите овие 128 претпријатија на локално ниво, во постојан работен однос има 12.009 вработени. Најмногу вработени, по повеќе од илјада имаат три скопски локални претпријатија „Комунална хигиена“, ЈСП и „Водовод и канализација“, а на четврто место е „Паркови и зеленило, со над 600 вработени. Од другите градови, претпријатие со најмногу вработени е штипски Исар со над 300 вработени.
Прилепски „Комуналец“ се наоѓа на 8-то место по бројот на вработени, со 320 лица кои работат во јавното комунално претпријатие.