Синоќа Прилеп беше центарот на забавата – со илјадници посетители, мирис на скара, ладно пиво и одличен музички ритам започна првата фестивалска вечер на Пиво Фестивалот 2025.
Настапите на популарни изведувачи ја раздвижија публиката, а градот пулсираше со енергија до доцна во ноќта. Прилепчани уште еднаш докажаа дека го сакаат овој фестивал кој прерасна во една од знаменитостите по кои е препознатлив Прилеп.
Христијан Тунески, дел од организацијата смета дека забавата ја обезбедуваат сите, и домаќините и гостите, но секако и познати музички имиња.
„Оваа година се потрудивме програмата да биде богата, да има за сите вкусови, за секој човек да има музика, да има забава, многу пиво и секако добра прилепска скара. Имаме повеќе од 15 штандови, имаме 6 големи пивари и тоа е она што можеме со гордост да ви го пренесеме вам.
Од поголемите балкански ѕвезди кои оваа година ќе настапат би го издвоил Харис Џиновиќ кој ќе настапи утре и Никола Роквиќ кој ќе настапи во недела. Од македонската естрада следен настап вечерва имаат Антонија Гиговска, ќе настапи Дамјан Стојановски, Тајзи, нормално Битолскиот камерен оркестар заедно со Ристо Самарџиев, Наде Талевска и Андријана Јаневска.
Многу ни е чест и гордост што ете успеавме на некој начин да го вратиме сјајот на пиво фестивалот во Прилеп и да го задржиме тој традиционален датум околу Петровден, бидејќи знаеме дека прилепчани се навикнати тогаш да се одржува Пиво Фестивалот во нашиот град“, рече Тунески.
Овие три фестивалски денови носат повеќе од музика, пиво и скара – тие значат економски бенефит за градот, поддршка за локалните бизниси, нова енергија за угостителството и нова можност за Прилеп да блесне пред илјадници посетители.
„Посебна чест и радост е оваа манифестација да се случува повторно ова лето во нашиот град, Фестивалот на пивото 2025 година. Со тоа Прилеп докажува дека навистина знае да организира, да собери наши сограѓани како од градот така и од цела Македонија, но и поблиските земји. Овие 3 дена на песна, на музика, на радост, на храна кажува дека Прилеп излегува од локалните рамки, уште повеќе зближува, збратимува, но воедно го развива и има економски бенефит нашиот локален бизнис сектор, нашите ресторани и кафеани овие 3 дена ќе бидат преполни со гости и со тоа правиме не само музиката, песната и радоста да доминираат, туку и секој што ќе се пронајди во овие 3 дена едноставно да ужива. Голема благодарност до организаторот, учесниците кои ќе ги направат во Прилеп овие 3 дена незаборавни и се надевам дека ќе уживате во убавата музика, расположение и песна, а се разбира и храна“, рече градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески.
Овие 3 дена Прилеп ќе пулсира во знакот на ладното пиво, вкусната скара и добрата забава.