Европската Унија планира финансиски пакет за земјите од западен Балкан кои се кандидати за членство, во вредност од околу 6 милијарди евра.
Околу 4 милијарди евра се заеми со ниска каматна стапка и грејс период од 8 до 10 години, додека останатите две милијарди евра ќе бидат грантови. Распределбата на средствата ќе се прави врз основа на бројот на населението и годишниот БДП на секоја земја од регионот. Според тие параметри, Северна Македонија ќе може да се надева на речиси една милијарда евра до 2027 година.

Условот за добивање на овие средства се реформите кои би требало да се извршат во државите, а парите обезбедени од овој европски фонд би требало да се употребат за да донесат економски развој.
Унијата преку пакетот очекува земјите од Западен Балкан да се приближат на европските пазари: да се зголеми слободно движење на стоки и слободно движење на работници и услуги, да се обезбеди полесен пристап за плаќање во евро-зоната, да се подобри интеграцијата на патен сообраќај но и да се засили интеграцијата на енергетскиот пазар , како и дигиталната интеграција во индустријата.
Во Брисел се убедени дека државите кои ќе ги спроведат реформите и ќе ги искористат средствата би можеле да го удвојат својот БДП во следните 10 години. За земја како Македонија, чиј БДП во моментов е околу 42% од просекот во ЕУ, тоа би значеле стапки на раст од над 7 отсто на годишно ниво.