Управата за јавни приходи (УЈП) продолжува активно да ги следи потребите и пораките на даночните обврзници и во тековниот циклус на поднесување на ДДВ – 04 пријави и презема активности за оптимизација на системот за поднесување на даночните пријави.
Во овој период, до 27.01. 2025 година на полноќ, иако истовремено се вршеше поднесување на месечни и тримесечни ДДВ пријави, сепак резултираше со одличен одзив на континуирано поднесување и без масовни реакции од даночните обврзници за евентуални пречки. Ова покажува даночна одговорност и посветеност на даночните обврзници во исполнувањето на обврските поддржани од напорите на УЈП за оптимизација и ефикасност на системот.
На полноќ истече рокот за поднесување на ДДВ-04 пријавите, а од вкупно очекуваните 41.531 пријави, поднесени се 39.028, што претставува висок процент на исполнетост од 94,0%.
Апелираме до сите останати 2.503 даночни обврзници кои не ги поднеле своите ДДВ-04 пријави навремено, да ги достават потребните документи до своите сметководители и во најкраток рок да ги поднесат пријавите, со цел да избегнат камати за задоцнето плаќање. Навременото и точно поднесување на ДДВ пријавите е од суштинско значење не само за исполнување на законските обврски, туку и за забрзување на процесот на поврат на средства за оние кои имаат изразен ДДВ и очекуваат поврат. Овој процес е клучен за подобрување на ликвидноста на компаниите како и поголема оперативност, што директно влијае на финансиската стабилност на домашните компании.