Ѓорѓиевски: Градоначалници да се отповикуваат на референдум, за да нема нови неуспешни примери

Градоначалниците да можат да се отповикуваат на референдум пред да им заврши четиригодишниот мандат е предлог кој го подготвуваат работни групи, за да се направат измени во Законот за локална самоуправа.

„Ќе треба заедно да се седне и со Министерството за локална самоуправа во наредниот период, да се обединат сите сили околу овој закон. Експертската јавност ќе треба јавно да се вклучи, да се дискутира на таа тема. Отповикувањето, според мене, треба да се врши на начин граѓаните по пат на референдум да можат да отповикаат градоначалник“, изјави претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), Орце Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски потсети дека токму тој, поттикнат од случувањата во Град Скопје пред една година и незадоволството кај граѓаните од градоначалничката Данела Арсовска, го навеле да иницира законски измени кои на граѓаните ќе им овозможат не само да го изберат туку и предвреме да го отповикаат градоначалникот од кој нема да бидат задоволни.

„Тоа е процес од кој сме засегнати ние, како градоначалници, но сите градоначалници едногласно го поддржуваме тој процес затоа што за жал во државава освен што во моментов ни се случува состојбата со градот Скопје имаме уште многу други неуспешни примери и приказни од минатото каде што се чекало да поминат четири години за некому да му заврши мандатот. Затоа имаме состојби во кои во 21 век решаваме фекални канализации, за жал населени места не се покриени со водоводна мрежа, сега ги решаваме, немаат градинки, немаат училишта и така натаму. Согласно законската регулатива која е во моментов, некој може да биде избран за градоначалник и четири години да ги помине во хибернација и ништо да не сработи за оние кои му ја дале поддршката односно му ја дале власта“, рече градоначалникот Ѓорѓиевски.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи