Благодарници за учесниците во гаснењето на пожарот кај Трескавец

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

Општина Прилеп и градоначалникот Марјан Ристески денеска им доделија благодарници на сите оние кои учествуваа во гаснењето на пожарот кој пред десетина денови беснееше околу манастирот Трескавец. Доброволците од Прилеп дадоа надчовечки напори за да се заштити ова наше светилиште.

„Стануваше збор за една голема огнена стихија која ја зафати околината на манастирот Трескавец и која предизвика голема материјална штета. За среќа во таа непогода немаше човечки жртви. Со таа стихија се спротиставија голем број наши сограѓани на кои во овој момент сакам да им се заблагодарам. Тие со надчовечки напори успеаја да го заштитат овој наш многу значаен манастирски комплекс. Голема благодарност пред се до ТППЕ од Прилеп и Битола, нивната професионалност и посветеност во гаснењето на огнот. Исто така голема благодарност и до сите кои учествуваа со човечки ресурси и механизација како ЈКП „Комуналец“, ЈКП „Водовод и Канализација“, „Прилепска пиварница“, „Комфи Ангел“, „Мермерен Комбинат“, „ЈП Паркинзи“, ЈП „Македонски шуми“, особена благодарност до населеното место Мажучиште, навивачката група Мајмуни, сите планинарски друштва од градов и уште голем број други доброволци кои активно учествуваа за да се спречи оваа стихија“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Освен пожарот кај Трескавец, Општина Прилеп деновиве беше зафатена и од други пожари кои предизвикаа огромна материјална штета.

„Во изминативе 15-тина дена во Општина Прилеп имаше катастрофални пожари. Еден од нив беше и пожарот околу манастирот Трескавец каде што имавме неколку дневна борба со огнената стихија за спасување на манастирот. Во таа борба се вклучија и поголем дел на активисти, граѓани, јавни и приватни претпријатија и други. Јас би сакал да упатам еден апел, а тоа е да не се потценува ниту еден пожар. Овој пожар беше на почетокот многу мал, но за краток временски период премина во катастрофален и уништи огромна површина на квалитетна борова шума, уништи голем дел од флората и фауната на овој простор. Но, не е само овој пожар и со другите пожари се уништија големи шумски пространства во Дрен-Смолани, Никодим, Бонче, Крушевица и други места. Сега ќе требаат децении за да се обноват сите овие шуми“, истакна Станко Колески, комадир на ТППЕ – Прилеп.

Како помош на ТППЕ од Прилеп при гаснењето на пожарот кај Трескавец учествуваа и нивните колеги од Битола.

„ТППЕ од Битола веднаш одговори на повикот за гаснење на пожарот кај Трескавец. Се вклучивме со две возила и екипаж и учествувавме се до локализирањето на огнот. Оваа соработка помеѓу Прилеп и Битола е вообичаена и секогаш си помагаме едни со други“, рече Костадин Попоски, командир на ТППЕ – Битола.

Доброволците кои денеска добија благодарници истакнаа дека и во иднина секогаш ќе бидат на располагање доколку се случи повторно некоја голема непогода.

„Ние сме секогаш тука за да помогнеме и во иднина било каква непогода да се случи во Прилеп ние ќе бидеме на располагање. Дел од луѓето кои помогнаа не се тука денес да добијат благодарници од оправдани причини, се надевам дека и тие ќе добијат по еден ваков скромен гест на благодарност од локалната самоуправа“, вели Дејви Спиркоски, навивачка група Мајмуни.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи