Општина Прилеп : Одлуката за втора смена во градинките е само собирање на ситни политички поени

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

Обично политиканство на власта и собирање на ситни политички поени пред локалните избори. Само вака можеме да ја оцениме најновата одлука на Министерството за труд и социјална политика за воведување на 2 смени во детските градинки од 1 септември и тоа од 07.00 до 14.30 часот првата смена и од 14.00 до 21.30 часот втората смена, како и првата сабота во месецот од 08.00 до 16.00 часот. Ова денеска на прес конференција го истакнаа градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески и директорката на ЈОУДГ „Наша иднина“, Христина Трпческа. Тие нагласија дека за да целиот случајот биде уште поапсурден една ваква важна одлука, за која требало сеопфатна анализа, се носела на само неколку дена пред почетокот на септември, односно пред почетокот на нејзиното спроведување.

 

„Општината е основач на детската градинка. Министерството за труд и социјална политика воопшто не ја контактирало Општината ниту пак побарало мислење во однос на воведувањето на втората смена. Министерството за труд и социјална политика донесе заклучок дека родителите низ Македонија имаат потреба од згрижување на нивните деца во втора смена врз основа на извршена анкета на 10, 15 или 20 родители во зависност од капацитетот на детската градинка.  И тоа е точно. Ние знаеме дека дел од родителите навистина имаат потреба од двосменско работење на градинките. Но, Министерстството бара сето ова да биде организирано за само 8 дена. Тоа е навистина премногу краток период. Исто така сакам да го поставам прашањето дали Министерството ќе го реши проблемот со простор и кадар до први септември или ќе ги задолжи општините и градинките сами да се организираат ? Дали Министерството има предвидено финансиски средства за соодветен простор, опрема, кадар неопходни за започнување со двосменско работење ? Во услови на распишани локални избори, невозможно е општината или градинката за осум работни денови да обезбеди простор и кадар потребен за одвивањето на двосменско работење“, изјави Христина Трпческа, директор на ЈОУДГ „Наша иднина“ – Прилеп.

 

Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, истакна дека воведувањето на втората смена во градинките ќе значи и двојно зголемување на трошоците на тие установи. Тој запраша кој ќе го покрие финансиски целиот проект ?

 

 

„Ниту една општина во Македонија нема средства предвидени во својот буџет за да се реализира овој проект. Затоа ќе повторам ова е само обично собирање на ситни политички поени пред избори. За ова е потребна поширока јавна дебата и да бидат прашани сите родители дали и колку имаат потреба од двосменско работење на градинките. Во овој момент градинките во Прилеп работат со деца од 06 до 17.30 часот. Би сакал да потенцирам дека не само во Прилеп туку и во цела Македонија потребно е отворање на нови градинки, а не воведување на вакви избрзани одлуки. Во изминативе 12 години Општина Прилеп во соработка со Владата на Македонија го зголеми капацитетот на градинките во Општина Прилеп за над 200 места. Освен во градот нови градинки беа отворени и во 4 населени места. Еве вака, со дела, а не само со зборови, се решаваат проблемите со потребата од згрижување на децата од предучилишна возраст. Ова што сега се прави се наметнати одлуки кои се и непристојни и нереални, од страна на Министерството за труд и социјална политика и Владата и се врши мешање во работата на Општината. Се маргинализира процесот на децентрализација и се создава немир кај вработените во градинките и родителите кои секојдневно прашуваат дали со завршувањето на првата смена во градинките во 14.30 часот ќе престане и згрижувањето на нивното дете“, посочи Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

 

Ристески додаде дека Општина Прилеп не е против воведувањето на втора смена, но требало целиот овој проект да биде стручно осмислен и да се обезбедат финансии за негово спроведување. Доколку не се направи тоа од страна на Министерството за труд и социјална политика Ристески рече дека Општина Прилеп ќе се спротистави на сето ова.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи