Празникот Курбан Бајрам одбележан во Прилеп

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

Со празнична молитва која утрово се изведе во џамијата во прилепската населба Тризла се одбележа големиот муслимански празник Курбан Бајрам. Инаку овој празник трае 7 дена и се вика уште и празник на жртвата затоа што тогаш се принесува жртва – курбан, обично овци кои им се делат на сиромасите.

 

Според верувањето на муслиманите принесувањето жртва – курбан има симболика на приближување кон Бога. Обичајот го изведуваат сите кои имаат можност за тоа. Оние кои принеле жртва потоа раздаваат од месото на сиромашните, соседите и роднините. На овој ден се крунисува и аџилакот на аџиите кои отишле да се поклонат на Светата Ќаба во Мека.

 

„Им го честитам Курбан Бајрам на сите муслимани во Прилеп и прилепско. Овие денови кои беа зад нас се свети денови, денови кога се извршува еден од столбовите на нашата вера, а тоа е аџилакот или посетување на Мека и Медина. Исто така втор пропис кој следува после тоа е принесување на курбан што е наредба од севишниот Алах Џелешану. Со самото колење на курбанот човекот се доближува до Бога и им се помага потоа на сиромашните, пријателите и роднините. Чест ми е да кажам и тоа дека при крај е изградбата на џамијата во населбата. А исто така при крај е изградбата и на капелата која се наоѓа во состав на оваа џамија. Таа капела ќе ги задоволи потребите на сите муслимани во Прилеп“, рече Алмир Сулејманоски, имам.

Празникот беше дочекан во новата џамија во населбата „Тризла“ која се изгради за рекордно кратко време од само 6 години. Оваа џамија долго време беше желба за верниците муслимани во Прилеп кои претежно се од ромска националност. Изградбата на верскиот храм е готова, останува да се доуредат само уште некои внатрешни помали работи. Џамијата се градеше со пари од локалната самоуправа и разни донатори. Инаку ова е прв муслимански верски објект изграден во Прилеп после векови.

 

„При реализацијата на овој проект имавме соработка со локалната самоуправа на Прилеп, на чело со градоначалникот Марјан Ристески. Ние сите искрено му се заблагодаруваме за неговиот интерес, одлична соработка и финансиска поддршка за побрза изградба на џамијата. Се надевам дека оваа поддршка ќе трае и понатаму со истиот ентузијазам. Исто така имавме соработка со нашите аџии кои работат во САД, Германија, Австрија и други држави, имавме соработка со нашиот министер без ресор Неждет Мустафа, на кого искрено му се заблагодаруваме за неговиот интерес и финансиска поддршка за џамијата. На крај сакам да им го честитам Курбан Бајрам на сите припадници на муслиманската вероисповед, им посакувам мир и благосостојба во нивните семејства, слободно мислење и рамноправност со другите националности во Македонија“, истакна Самир Бајрамоски, претседател на верска заедница „Екли сунет Велџемат“.

 

 

На одбележувањето на празникот присуствуваше и градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, кој рече дека Прилеп е пример за меѓусебно почитување и соживот во Македонија помеѓу различните националности.

 

„На сите муслимани во прилепско им го честитам празникот Курбан Бајрам, им посакувам многу среќа, радост, да имаат голем успех, да се гледаме само за убави работи, да продолжи и понатаму соживотот и како и досега да бидеме пример во Македонија за меѓусебно почитување и соживот. Благодарение на одличната соработка на локалната самоуправа со муслиманската ромска заедница се изгради оваа прекрасна џамија. И понатаму можеме да ветиме дека локалната самоуправа ќе ја помага доизградбата на овој објект, останува да се уреди уште партерното уредување околу џамијата кој ќе прерасне во еден преубав плоштад“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Липо ласер и спа капсула за прв пат во Прилеп

Play Video

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи