Денеска во Прилеп беа доделени нови 90 решенија за легализирање на дивоизградени објекти. Решенијата, во големата сака на градската библиотека „Борка Талески“ ги додели градоначалникот Марјан Ристески, кој истакна дека Прилеп е лидер во Македонија во однос на легализирани дивоизградени објекти.
„Ова е еден од најубавите закони што било која Влада го има донесено во интерес на граѓаните. Со легализацијата ќе продолжиме и понатаму со засилено темпо. За ова најзаслужни се секако секторот за урбанизам , локалната самоуправа, приватните и државниот катастар. Прилеп е лидер во Македонија во однос на легализирани дивоизградени објекти, до денес бројката е над 10.000 вакви објекти“, рече Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Со легализацијата опфатени се барањата на граѓаните поднесени во 2011 година како и дел од барањата кои се однесуваат на 2016 година од продолжениот рок. Во 2011 година беа поднесени 15.367 барања за легализација, а во 2016 година 3.077 барања.
До крајот на законскиот рок се очекува реализацијата на проектот да биде околу 80 % и да бидат решени околу 14.800 барања на граѓаните.