Интензивно се работи на градба на основното училиште во УЗ Сточен Пазар околу кое гравитираат населбите Сточен Пазар и Жабино Маало. Инвестицијата за училиштето изнесува околу 10 милиони денари, 7 ќе бидат потребни за градба, а околу 3 милиони денари за внатрешно опремување. Средствата се обезбедени од буџетот на локалната самоуправа. Капацитетот на оваа образовна установа ќе изнесува од 150 до 200 деца.
„Ова училиште се гради по барање на жителите на овие две населби, бидејќи сега децата кои живеат тука мораат да патуваат до ООУ „Рампо Левката“ или до ООУ „Климент Охридски“. Училиштето сега е изградено до степен на карабина и тоа ќе биде едно од најубавите училишта во нашата Општина. Тука ќе учат деца од 1 до 5 одделение. Училиштето ќе биде енергетски ефикасно, ќе има систем за парно греење, термо фасада, соларни панели и ќе биде изградено според сите европски стандарди, истакна Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Ќе се гради и канализационен систем за училиштето кој ќе се поврзува со пречистителната станица, колекторите ќе поминуваат покрај самата река.
„Во иднина комплетно ќе се уреди реката со кејски и потпорни ѕидови, ќе се асфалтира улицата до училиштето, а предвидено е и хортикултурно уредување на дворот со урбана опрема, како и изградба на детско и спортско игралиште, а за во иднина се планира и изградба на мост на реката веднаш до самото училиште, посочи Бранко Нешкоски директор на ЈП за ПУП.
Изградбата на ова училиште беше дамнешна желба на жителите кои гравитираат во овој дел на градот, затоа што помалите деца сега патуваат и до 2 км. за да стигнат до основните училишта. Сега тие ќе го имаат ова ново училиште кое сметаме дека е полн погодок истакна градоначалникот Ристески.
Досега локалната самоуправа во периодот од 2005 до 2017 година има вложено околу 12 милиони евра за подобрување на условите за учење и работа во сите училишта на територијата на Општина Прилеп.