Собранието едногласно го изгласа законот за стечајците

Со 82 гласа за и ниту еден глас против или воздржан пратениците го изгласаа Законот за стечајни работници. Пратениците од позицијата со аплауз го поздравија донесувањето на законот од страна на собранието, додека пак пратениците од опозицијата, иако го поддржаа, сепак имаа забелешки дека стечајците не се во целост опфатени.

 

Со законот се овозможува околу 3000 луѓе да добиваат месечен надоместок од 8356 денари, односно 34% од просечно исплатената месечна нето плата минатата година. Тоа ќе го чини буџетот 5 милиони евра годишно. Невработените лица треба да имаат најмалку 15 години стаж во претпријатија со доминантна државна сопственост, а работниот однос да им престанал на основа на стечај, ликвидација или технолошки вишок, заклучно 30 јуни годинава. Ќе важи само за стечајци кои на денот на стапување на сила на законот имаат најмалку 52 години за жени и 55 години за мажи.

 

Во собранието беа присутни и претставници на здружението УНИТ, кои долги години се бореа за правата за стечајците. Нивниот претставник, Лилјана Георгиевска, порача дека борбата не застанува тука и дека притисоците ќе продолжат се додека и останатите стечајци, кои не се опфатени со овој закон, не ги добијат своите права.

„Можам да кажам дека упорно се боревме и дочекавме да се донеси законот кој речиси 15 години го чекавме. Стечајните работници се запознаени со процедурата, ги имаат сите документи и од 15 октомври ќе почнеме со аплицирање за финансиска помош. Со законот остануваат уште 500 незгрижени лица, кои доаѓаат од фирми што во транзицијата од државна сопственост се трансформираа во акционерски друштва. Ние ќе вршиме притисок за измена на законот, за да можат и тие да си го остварат своето право“, рече Георгиевска

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи