ВИДЕО : Финишираат градежните активности околу изградбата на градинката во ООУ „Рампо Левката“

При крај се градежните активности околу преадаптацијата и реконструкцијата на првиот спрат од ООУ „Рампо Левката“ во Прилеп, кој за брзо време ќе прерасне во уште една нова градинка.

 

Според динамиката на работа се очекува градежните зафати да завршат за 2 до 3 недели. Инвестицијата изнесува околу 2,5 милиони денари, а градинката ќе има капацитет да прими околу 100 дечиња.

 

 

„Останува само уште поставување на дел од дограмата, молерисување и уредување на подовите. Се очекува овој објект да биде готов за 2 до 3 недели, а потоа во него ќе може да се смести и инвентарот. Оваа градинка многу ќе значи за градот, особено за населбите Корзо, Чачорица и Тапани. Тука ќе може се примат 100 нови дечиња. Последниве неколку години ние како локална самоуправа максимално сме посветени на зголемувањето на капацитетот на детските градинки во нашата Општина“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Општина Прилеп.

 

За само неколку години капацитетот на ЈОУДГ „Наша иднина“ од Прилеп се прошири за над 200 места. Освен во градот нови градинки се отворија и во населените места : Канатларци, Беровци, Тополчани и Големо Коњари.

 

„Адаптирањето на просторот во ООУ „Рампо Левката“ за деца за предучилишна возраст ќе биде одлична можност за околу 100-тина наши сограѓани кои ќе можат да ги згрижат тука своите деца. Во последниве неколку години имаме навистина голем број на барања за запишување на деца во градинките и постојано се работи на проширување на овие капацитети. Овој простор е преадаптиран со средства од локалната самоуправа, а додека пак инвентарот, како што е предвидено во програмата, ќе треба да биде доделен од Министерството за труд и социјална политика. Очекуваме откако ќе завршат градежните работи Министерството веднаш да го донесе инвентарот и да започнеме со работа“, истакна Христина Трпческа, директор на ЈОУГД „Наша Иднина“ – Прилеп.

 

„Овој дел од просторот на ООУ „Рампо Левката“ не беше искористен и со помош на локалната самоуправа сега тој се преадаптира во детска градинка. Со овој проект предвидени се 4 училиници каде градежните работи се при крај. Исто така уреден е и дел од дворот на градинката“, рече Катерина Чавлеска Трпкоска, директор на ООУ „Рампо Левката“ – Прилеп.

 

Предвидено е градинката да има посебен влез и хортикултурно уреден двор за забава и игра на децата. И овие средства се обезбедени од локалната самоуправа.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи