Дебатата за законот за јазиците ќе продолжи по локалните избори

Facebook
Twitter
Email
Print

Претседателот на Парламентот Талат Џафери ја прекина расправата за законот за јазиците и најави дека таа ќе продолжи по локалните избори. Џафери рече дека ја прекинува дебатата согласно неговата најава дека Парламентот нема да работи на почетокот на кампањата за изборите, но и, како што рече, да нема чувство дека некој по секоја цена сака да постигне некоја цел.

 

„Како резултат на дебатата произлезе дека од интерес на граѓаните, да не кажам на дел од граѓаните, е и потребата за носење и на соодветниот закон којшто е во редовна постапка за којшто се надевам ќе продолжиме исто така со успешна и плодна конструктивна дебата. Се надевам, додаде, дека никој од учесниците оваа ситуација нема да ја користи во предизборни цели и во кампања. А тоа најдобро ќе го ценат, ќе го покажат и ќе го решат граѓаните на РМ“, рече Талат Џафери, Претседателот на Парламентот.

 

Во текот на шестдневната расправа за законот во Собранието ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека законот е неуставен и побара истиот да биде повлечен. Од опозоцијата сметаат дека со постапката за негово носење е прекршен собранискиот Деловник со цел во пресрет на локалните избори да се реализира договор меѓу коалициските партнери од власта.

 

 

Пратениикот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски на својот фејсбук профил објави дека со истрајност, деноноќни дискусии и правни аргументи, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ успеале да го оневозможат гласањето за неуставниот Закон за јазици.

 

„Законот, спротивно на собранискиот Деловник, со злоупотреба на Европското знаменце и без јавна дебата, владата на Зоран Заев сакаше нетранспарентно да го протурка во Собранието како тесно-партиски предизборен договор за гласачко поткусурување и за покривање на владините економските неуспеси, рецесијата, големото задолжување, лагата за платата на лекарите, лагата за младинската гаранција од 10.000€, падот на индустриското производство, конфликтот на интереси на високи владини функционери и нивните тендери, како и неуспешноста на градоначалниците на Чаир, Куманово и Тетово! Сериозните прашања од национален интерес заслужуваат сериозна јавна дебата, демократска процедура и уважување на Уставот и на реалните потреби на сите граѓани на Македонија, без разлика на нивната етничка, партиска припадност или социјален статус. Целта на ниту еден закон не треба да биде краткорочниот ефект на изборите, туку долгорочните придобивки за добробит на државата. Сега Граѓаните се на потег, да гласаат за своите реални потреби, без да бидат манипулирани со предизборни партиски контроверзни закони кои носат поделба и стереотипи, наместо обединување и развој. Граѓаните на Македонија на 15-ти октомври ќе гласаат за својата општина и за нашата заедничка татковина“, пишува на својот фејсбук профил Антониио Милошоски.

 

Бесрамно е да се зборува дека ги лажеме Албанците со Законот за употреба на јазиците и дека тој по изборите ќе падне на Уставен суд, изјави Премиерот Зоран Заев во интервју за емисијата „360 степени“ на Алсат-М вели дека тие не ги лажеле Албанците со Законот за употреба на јазиците и дека се што било уставно дискутабилно во законот било тргнато и тој бил пуштен на разгледување во Венецијанската комисија.

 

 

„Нашата намера е искрена, ние отворено застанавме во кампања за овие прашања, отворено застанавме дури и пред обидот за наша ликвидација, бранејќи ги овие вредности во кои веруваме. Ние веруваме дека употребата на јазиците на помалкубројните заедници е уставно дозволива работа и таму до каде Уставот тоа го дозволува, а е реална потреба на граѓаните треба да го овозоможиме. Секако, секогаш има можности и за критики, но јас заедно со партнерите од владејачката коалиција се договоривме дека не ни е воопшто потребно да носиме нешто како закон ако однапред знаеме дека ќе падне на Уставен суд, зошто би го правеле тоа? Сето она што го има во законот е уставно и верувам дека законот ќе се донесе и конечно во Македонија оваа дебата од самостојноста на државата за потребите на помалкубројните етнички заедници ќе ги затвориме, за да отвориме поважни прашања“, изјави премиерот Зоран Заев.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи