Медијаторот во спорот за името Метју Нимиц најави интензивирање на преговорите за името по локалните избори. Нимиц ова го најави, по средбата со грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас во Њујорк, во интервју за новинската агенција ИБНА и потврди дека за тоа постоело интерес и кај двете страни, а најави и негови предлози во, како што рече, вистинско време.
„Односите се подобрија во последните месеци и очекувам поголема активност. Двете земји имаат свои позиции, може да ги наречете црвени или сини линии. Има многу важни прашања во двете земји, но мислам можат да се приближат“, вели Нимиц во интервјуто.
Сепак официјално детали од средбата со медијаторот Нимиц и министерот за надворешни работи на Грција нема.
Според Нимиц, прашањето за името требало да се реши пред многу години, но за жал тоа не се случило.
„Нерешавањето на ова прашање сигурно влијае на стабилноста на регионот и затоа е важно да се реши. Затворањето на проблемот сигурно ќе придонесе за долгорочна стабилност и пријателство во регионот“, смета Метју Нимиц.
Интерес за решавање на долгогодишниот спор, како што нагласува Нимиц, имало и кај меѓународната заедница, особено кај ЕУ и САД.
Премиерот Заев пак на своето обраќање на Генералното собрание на ОН истакна дека требало да го фатиме моментумот, да разговараме искрено и да го разрешиме спорот со Грција. Заев додаде дека ги ценел напорите на посредникот Метју Нимиц и верувал дека има начин да се надмине проблемот што го има Грција со нашето уставно име.
Нимиц се сретна и со Заев, но како што вели и самиот на состанокот не се отвориле можни решенија околу името.