Продолжената политичка криза и нанесе сериозни штети на македонската економија и тешко дека ќе постигнеме некаков раст оваа година, по падот во првата половина, изјави во интервју за Ројтерс гувернерот на Народната банка на Македонија, Димитар Богов.
Гувернерот очекува македонската економија следната година повторно да бележи раст, доколку се стабилизира политичката ситуација.
„Нашите превидувања од април за економски раст од 2,5 проценти очигледно беа премногу оптимистички. Политичката криза предизвика поголем пад отколку што првично сметавме“, изјави Богов во интервју за Ројтерс на маргините на Конференцијата на гувернерите на централните банки што се одржа во Сарево.
Богов вели дека во првата половина од оваа година македонскиот БДП забележал пад од 0,9 отсто, па нагласува дека би бил среќен ако оваа година ја завршиме со позитивен економски раст.
Британската агенција потсетува дека македонската економија лани оствари раст од 2,4 отсто, но во вториот квартал од оваа година БДП падна за 1,9 отсто, што е негово прво намалување од 2012 година.
„Доколку имаме целосна политичка стабилност и економски политики од новата Влада, можеме да очекуваме растот постепено да се врати на трендот што го имавме пред да западнеме во политичката криза во 2015 година“, додава Богов,
Гувернерот очекува Владата да продолжи со фискалната консолидација со цел да го стабилизира буџетскиот дефицит, кој се проценува на околу три отсто за оваа година.
Според Богов, Народната банка не гледа потреба за дополнително прилагодување на основната каматна стапка, која е на историски минимум од 3,25 отсто, но нагласува дека внимателно ќе ја следи состојбата со надворешниот сектор и фискалните политики во текот на следните години.
Сепак нагласува дека по тригодишна дефлација, се очекува годинава инфлацијата да достигне 1,3 отсто, а во 2018 се предвидува нејзината стапка да изнесува два проценти.
Богов смета дека не ни е потребен аранжман со Меѓународниот монетарен фонд, бидејќи немаме проблеми со платниот биланс.